1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ахмети во Атина на средба со Венизелос

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија и вицепремиер Евангелос Венизелос. Од партијата соопштија дека се работи за обид за деблокада на евро-атлантските интеграции

Според ДУИ, средбата е продолжување на интензивната кампања на лидерот на најголемата албанска партија во Македонија за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ.

„Нашите активности за помагање на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ ќе продолжат и во други земји-пријатели, кои сакаат да помогнат во процесот на зачленување во евроатлантските структури“, стои во соопштението на ДУИ. Грчкото МНР во најавата за средбата Ахмети-Венизелос соопшти само дека шефот на грчката дипломатија ќе се сретне со лидерот на најголемата албанска партија во Македонија која е дел од владејачката коалиција на земјата. Други информации засега не се објавени.

Грчките медиуми досега не покажаа голема заинтересираност за денешната средба, јави дописникот на МИА од Атина. Информацијата ја објавија неколку информативни портали кои јавија дека состанокот се одржува на барање на Ахмети и ја пренесоа изјавата на шефот на неговиот кабинет Артан Груби дека посетата на лидерот на ДУИ на Атина е дел од напорите на партијата да се најде компромисно решение за прашањето за името со цел да се обезбеди интеграција на Македонија во европските и евроатлантските структури. Груби додал дека покрај Атина, Ахмети ќе посети и други европски престолнини, кои можат да помогнат да се надминат пречките за влез на Македонија во ЕУ и НАТО.

Според грчките медиуми, фокусот на разговорите меѓу Венизелос и Ахмети се очекува да биде прашањето за името на Македонија и европската и евроатлантската перспектива на земјата. Покрај Груби, Ахмети во Атина го придружува и вицепремиерот Муса Џафери.

Ова е втора официјална средба годинава на грчки министер за надворешни работи со делегација од Македонија, и тоа само со членови на ДУИ. Во мај тогашниот шеф на грчката дипломатија Аврамопулос се сретна со заменик претседателот на македонската влада, задолжен за европски прашања Фатмир Бесими.