1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ахмадинеџад во улога на противник на режимот

Борбата за власт во Иран поприма се погротескни облици. Околу половина година пред завршувањето на неговиот мандат председателот Махмуд Ахмадинеџад настојува да се профилира како критичар на режимот.

Причината за конфликтот во иранското раководство е веќе запишана во уставот на таа земја: претседателот (во овој случај Махмуд Ахмадинеџад) кој го избира народот има понизок ранг од речиси семоќниот религиозен лидер (во овој случај Ајатолахот Али Хамнеи). А моќта на врвниот Ајатолах се состои во тоа што со декрет може да ги поништи одлуките на владата и на парламентот. Претседателот смее, навистина, да именува министри, но пред тоа треба да побара согласност од духовниот водач.

Кога во април годинава претседателот Махмуд Ахмадинеџад сакаше да го смени својот министер за тајната служба Хејдар Мослеија, врховниот Ајатолах Али Хамнеи го присили да го задржи министерот. Тоа понижување Ахмадинеџад тешко го поднесе. Десет денови тој ја бојкотираше работата на владата. Но, по силните вербални напади и закани од таборот на верскиот владетел, морал да се помири со тоа.

Посета на пријателот во затвор

Iran Ajatollah Ali Chamenei

Ајатолахот Али Хамнеи

Тоа беше почеток на конфликтот воден во јавноста меѓу двајцата најмоќни луге во Иран. Најновиот напад врз претседателот Ахмадинеџад е одбивањето на судството да му дозволи посета на техеранскиот затвор Евин. Ахмадинеџад остро возврати во отворено писмо до шефот на судската институција Ајатолахот Садек Лариџани: „Народот мора да има право да ги посетува затворите. Ако Вие тоа право му го ускратувате дури и на претседателот, тоа не значи ништо друго освен кршење на човековите права“, напиша Ахмадинеџад.

Со оглед на тоа што судството припаѓа во сферата на Хамниевото влијание Лариџани нема да попушти под притисокот на председателот. „Во овие тешки времиња претседателот треба да се грижи за важните работи за народот, а не за затворите“, му одговори тој на својот соперник. Лариџани покрај тоа вели дека Ахмадинеџад не ја почитува поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. А претседателот возврати дека нема да се откаже од посетата на затворот.
Тоа што Ахмадинеџад сега сака да го посети злогласниот затвор веројатно има врска и со фактот дека од септември годинава неговиот близок соработник и советник за медиуми Али Акбар Јаванфекр во тој затвор издржува 6 месечна казна. Осуден е поради навреда на државниот поглавар Хамнеи и поради „ширење на неисламски вредности“.

Улога на жртва

Iran / Chamenei und Ahmadinedschad

Ајатолахот Хамнеи и претседателот Ахмадинеџад

Ахмадинеџад истовремено продолжи со вербални напади против органите подредени на Хамнеи. Така Револуционерната гарда ја нарече „наши криумчарски браќа“. Очигледно Ахмадинеџад во последната половина година од своето владеење сака да се профилира како претседател критички настроен кон режимот. Тој имено го критикуваше затворањето на весникот „Шаргх“, заговараше воспоставување некаков вид на односи со САД, а наводно барал и укинување на домашниот притвор за двајца свои соперници. Мир Хосеин Мусави и Мехди Каруби водачи на целосно задушената опозиција.
Според мислењето на политичкиот стручњак Акабара Ганџи, кој живее во егзил на Запад, Ахмадинеџад се „подготвил за остар конфликт. Тој е подготвен да ја ризикува и својата функција, дури и да оди в затвор“. Но, зошто? Според Ганџи на тоа прашање има само еден одговор: „Тој тежи кон ескалација на конфликтот. Што повеќе му опонира на духовниот водач, со тоа е поголема веројатноста Хаменеи лично да го смени или пак тоа го стори парламентот со одобрение на Хамнеи. Тогаш Ахмадинеџад би можел да преземе улога на жртва и како бранител на интересите на народот вината за катастрфалната економска и социјална состојба да ја префрли на противничкиот табор.