1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ахмадинеџад бара Западот да не се меша во Египет

Стотици илјади луѓе денеска (11.02) се собраа во центарот на Техеран на официјалната прослава на 32-та годишнина од Исламската револуција. Ниту jорданската монархија не остана поштедена од протести за реформи.

default

32-ра годишнина од Исламската револуција

Илјадници Иранци ширум земјата денеска учествуваа на манифестациите по повод прославата на 32 годишнина од Исламската револуција. Претседателот Махмуд Ахмадинеџад одржа говор на централаната прослава во Техеран, во кој ги спомена и масовните протести во Египет. Тој го повика Западот да не се меша во судбината на египетскиот народ, и истовремено изрази поддршка за протестите во Каиро. Иранското раководство ги интерпретира овие протести како исламско револуционерно движење. Меѓутоа, Ахмадинеџад го одбегна фактот дека демонстрантите во Египет бараат повеќе демократија: „На храбрите египетски младинци и на сите народи во светот им објавувам: ’Бидете будни! Слободата е ваше право. Ваше право е слободно да го изразувате своето мислење и да се изборите. Исто така ваше право е слободно да го изберете видот на владеење и владетелот.’“

Опозицијата не организираше паралелна манифестација

Насобраната толпа, меѓутоа, годинава не извикуваше само пароли „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“, туку и слогани за поддршка на „барањата за слобода на народот во Тунис и Египет“. Забележително е што денот на исламската револуција годинава беше придружуван од националистички тонови, за разлика од минатите години, кога од официјална страна постојано беше нагласувана религиозната компонента. Иранската опозиција годинава не повика на паралелна манифестација. Револуционерната гарда категорично предупреди дека нема да дозволи протести. Според информации од интернет страницата на опозиционерите, Мехди Каруби, еден од водечките опозициони политичари, во земјата од вчера е во домашен притвор, а уапсени биле повеќе опозициони политичари.

Демонстрации и во Јордан

Неколку илјади демонстранти, по денешната петочна молитва ги наполнија и улиците на Аман. Тие бараат јорданска влада, која го заслужува тоа име, слобода и социјална правда. Во каталогот со барања се и намалување на цените и даноците, повеќе работни места и борба со високата невработеност, особено меѓу младите.

Автор: Штефан Вурцел/ Улрих Лајдхолд/ Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска