1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Африка и битката против сиромаштијата

Полувреме на милениумските развојни цели на Обединетите нации. Додека многу земји на Азија и Латинска Америка имаат добри шанси да ги постигнат целите до 2015 година, на многу африкански држави им оди тешко.

default

Како до храна и образование?

Африка е многустран континент, подвлекоа учесниците на конференцијата за развој одржана деновиве во Бон.

Африка економски стана поатрактивна. Тоа не го покажува само интересот на Кина и Индија, смета Јоханес Јирген Бернсен од германското Друштво за инвестиции и развој. Еден од нејзините партнери е африканската телекомуникациска фирма Целтел која денес се вбројува меѓу големите во таа бранша во Африка. Но, тоа не е осамен случај, вели Бернсен:

„Растежот на приватниот сектор е една од неопходните претпоставки за да се постигнат милениумските развојни цели. Инвестициите го помагаат растежот и ја намалуваат сиромаштијата. Сепак, економскиот развој не води автоматски кон намалување на сиромаштијата, како што покажуваат многу примери во земјите во развој„.

Бернсен подвлекува дека меѓу претпоставките е потребно државите да ја помагаат инвестиционата клима и да ја засилуваат правноста на државата. На тој план, Гана е добар пример и годинава по вторпат се најде меѓу првите десет на ранг-листата на филијалата на Светската банка ИФЦ. Меѓутоа, Бернсен смета дека и меѓународната заедница е повикана да се ангажира за фер конкуренција. Повеќемина говорници на конференцијата во Бон сметаат дека и Светската трговска организација е повикана да ја приведе кон успешен крај таканаречената Доха рунда. Марија Да Граса Само од женската мрежа „Форум мухер„ од Мозамбик се пожали дека нејизната земја е пример за тоа дека сиромаштијата има главно женски лик:

„Во Мозамбик во 30 проценти жените ги водат семејствата. Во семејствата водени од мажите сиромаштијата падна за 26 проценти. Кај домаќинствата водени од жени тој процент е само шест„.

Вината за тоа лежи во меѓународната конкуренција што на примерот на Мозамбик се покажува во шекерната индустрија. Жените се првите што ги губат работните места или работат во лоши услови за мали плати, соопшти Граса Само. Мозамбик затоа пак, покажува напредок во борбата против корупцијата. Таа битка е најважниот елемент за добро водење на владите. Со тоа се согласува и Таџуден Абдул Рахем. Нигеријанецот е координатор за Африка во милениумската кампања на Обединетите нации:

„Корупцијата го спречува развојот во нашите земји. Таа спречува да имаме добри болници, улици и училишта. Меѓутоа, демократизацијата водеше и кон тоа, вице-претседателот во една африканска држава да ја загуби функцијата. Поради корупција во Нигерија во затвор се наоѓа еден генерален инспектор на полицијата. На многумина поранешни гувернери им се заканува истата судбина„.

Абдул Рахем препорачува и западните земји да го преземат својот удел во овој проблем. Слично мисли и Петер Ајген, основач на „Транспаренси интернешенел„. Тој вели дека и во Германија полека се пробива сознанието дека корупцијата во бизнисот во странство не е прифатлива. Еден пример за тоа е аферата „Сименс„, смета Ајген кој вели дека притоа не станува збор само за потрошените пари:

„Зборувам за первертирање на економската политика во многу земји што води кон тоа многу од нив да не можат да се ослободат од сиромаштијата. Во тоа носиме огромна одговорност и тоа подеднакво како и новајлиите во Африка што доаѓаат од Кина, Индија и Бразил, кои не се придржуваат кон правилата што најдоа место кај нас„.

А, колку бавно оди тоа и во Германија, покажува односот на фирмите што беа посочени во извештајот за корупцијата во програмата за Ирак „Нафта за храна„ на Обединетите нации. Од вкупно 54-те фирми, досега не е казнета ниту една, критикува Ајген.