1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Африкански споменик на корупцијата

Во центарот на главниот град на Сенегал, Дакар стои огромен споменик со кој наводно се слави „ренесансата на Африка“. Критичарите велат дека тамошниот претседател, за огромни пари, всушност си подигнал споменик себеси.

default

Споменикот на „Африканската ренесанса“

Споменикот, кој со своите 52 метри височина е поголем и од Статуата на слободата во Њујорк, веќе две години доминира со панорамата на главниот град на Сенегал. Трите фигури би требало да ја симболизираат ренесансата на Африка, а идејата со споменикот е на сите граѓани на Сенегал и на сите африканци да им се врати идентитетот кој го загубиле во времето на колонијализмот.

Но, многумина жители на Дакар споменикот го нарекуваат многу поедноставно: „paap, yaay, doom“, или во превод: „тато, мама, дете“, и тоа не од кое било семејство! Таткото од споменикот неодоливо наликува на идеализираната слика на сенегалскиот претседател Абдулај Ваде, па многумина во останатите две фигури ги гледаат ликовите на неговата сопруга и синот.

Senegal Wahl

Претседателот Абдулај Ваде

Корупција и непотизам

Покрај сите расправи за убавината, смислата или бесмисленоста на овој огромен споменик на среде градот, се слушаат и бројни критики за наводна огромна корупција и непотизам при неговата изработка.

За првиот човек на фондацијата „Фридрих Нојман“ во Дакар, Вернер Новак, нема никаква дилема. „Споменикот на ренесансата на Африка е типичен пример како јавните пари претекуваат во приватни џебови и притоа се трошат огромни суми за нешто што не и носи никаква корист на заедницата“, вели Новак.

Изградбата на споменикот чинела над 20 милиони евра, а бизнисот го добил близок пријател на претседателот Ваде, кому дополнително му било продадено и огромно земјиште во центарот на Дакар за една шестина од неговата пазарна вредност.

„Кога државата нешто продава, тогаш тоа го прави по цена која самата ја одредила. На слободниот пазар владеат многу шпекулации“, објаснува портпаролот на претседателот на Сенегал.

Сега сите знаат каде е Сенегал!

Пријателот на Ваде постигнал и договор со кој треба да му припаднат 35 отсто од продажбата на сите сувенири и влезници околу споменикот, а парите потоа да ги уплаќа во добротворна фондација. До денес никој не чул дека ваква фондација е регистрирана.

Граѓаните се поделени во однос на споменикот.

„За мене е ова лоша инвестиција. Се потрошија милиони, а споменикот не е ниту убав“.

„За тие пари можеа да се изградат болници, или фабрики, станови“, велат дел од граѓаните.

На другата страна, на продавачите на сувенири и фотографите кои деноноќно се околу споменикот, не им е јасно зошто нивните сограѓани се бунат против споменикот.

„Мене ми се допаѓа. Многу е убав. Порано многу луѓе воопшто не знаеја каде е Сенегал, но благодарение на овој споменик сега сите знаат. Споменикот привлекува и многу посетители. Не видовте ли колку автобуси има полни со туристи?“

Искрено кажано- не видовме.

Автор: Дирке Кеп/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска