1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Африкански решенија за африканските проблеми

Од денеска (11.07.) до четврток, канцеларка Ангела Меркел е во посета на Ангола, Кенија и Нигерија. Во фокуот ќе бидат економските интереси на Германија. Континетот е богат со суровини.

default

Можеби германската канцеларка Ангела Меркел ќе го послуша советот на Петер Ајгенс. Основачот и поранешен претседател на организацијата за борба против корупцијата „Транспаренси интернешнл“ и` посоветува на Меркел, по повод нејзината посета на Африка, да основа еден вид „компетенциски центар“ за суровини. „На тој начин од проклетство, суровините можат да се претворат во благослов за луѓето во Африка“, се надева Ајгенс, кој повеќе децении работеше и за Светска банка.

Ајген го изнесе предлогот на конгресот во Берлин, на кој се разговараше за тоа како Африка самата гледа на можностите за одржлив развој, по самитот одржан во Рио во 1992 година. Берлинскиот конгрес го организира пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во германскиот Бундестаг. Кристијан Рук е член на Унијата и експерт за животна средина и развојна политика. Тој многу добро ја познава Африка, бидејќи подолго престојувал таму додека работел на својата докторска дисертација.

„Не мораме да преземаме се` однадвор“

Затоа не е „гола фраза“ кога некој како Рук прашува зошто Африка, за разлика од азиските земји, кои располагаат со слични предиспозиции, толку малку се развила во последниот половина век? Зошто населението толку малку профитира од богатата природа и суровините? Притоа не треба да се биде експерт, за да се заклучи дека решението на африканските проблеми не може да дојде однадвор - ни од Европа, ниту од САД, Јапонија или Кина. „Решенијата можат да функционираат, само доколку се резултат на африканската политика“, убеден е Рук.

NO FLASH Merkel vor Afrikakarte

Меркел во посета на Африка

Со тоа се согласува и амбасадорката на Руанда во Германија, Кристине Нкуликијинка. „За да напредува, Африка мора да ги задржи сопствените традиции, наместо да презема се` што доаѓа однадвор“, вели таа.

Претседателот на Африканската банка за развој, Доналд Каберука, исто така од Руанда, нагласува дека африканските држави мора сами да преземат одговорност. „Мораме да се потрудиме за поголема трговска размена и инвестиции, да изградиме добра инфраструктура и да го развиеме економскиот потенцијал“, нагласува Каберука. Тој истовремено бара од странските влади и претпријатија, кои работат во Африка да бидат пофер, особено кога станува збор за суровините. Тие досега ги држеа во тајност своите дејности на континентот.

„Бескрупулозни Кинези“

Од природните богатства досега профитираа само домашните елити и бескрупулозните концерни. Тоа во иднина треба да се промени, без разлика дали фирмите доаѓаат од Африка, Европа, Америка, Кина или Индија. Договорите за работа мора да бидат транспарентни, што досега не секогаш беше случај.

Претставите ка Каберука се слични со оние на ополномоштеникот за Африка во германската влада, Гинтер Ноке. Сепак, тој нагласува дека треба да се избегнуваат економски активности, чии услови не ги задоволуваат западните стандарди. Доколку не постојат рамковни услови, бизнисот не треба да им се препушта на „некои бескрупулозни Кинези“, вели Ноке.

Тој смета дека идејата за компетенциски центар за суровините е интересна. Во меѓународните организации, како ОН, секогаш станува збор за „големите, вистински проблеми“, вели Ноке. Меѓутоа, човек треба конкретно да помогне, или барем да спречи да се случи најлошото.

А, доколку зборовите наскоро не се проследат и со дела, Петер Ајген навистина стравува од најлошото. Како потенцијално конфликтно жариште тој го гледа северниот дел од Кенија, каде постои огромен извор на нафта и гас, меѓутоа безмалку никаква инфраструктура. Без транспарентни договори, Ајген смета дека може да дојде до големо загадување на животната средина и услови слични на војна, доколку на ископувањето на суровините им се даде поголемо значење, отколку на човечкиот живот.

Автор: Марсел Фирстенау/Трајче Тосев

Редактор: Борис Георгиевски