1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Аутсајдери на врвот, фаворитите на дното

Кој пред почетокот на сезоната можеше искрено да смета на ваков изглед на табелата во Бундеслигата? Хофенхајм и Мајнц на врвот, додека шампионот Бајерн е само 11. , а вицешампионот Шалке се’ уште чека на првиот бод.

default

Сцена од мечот Хофенхајм - Шалке

Првите три кола од германската фудбалска лига повторно ветуваат возбудлива сезона. Ако се суди според статистиката, условно кажано големите тимови, кои впрочем потрошија најмногу пари и донесоа најзвучни засилувања, Шалке, Волфсбург и Штугарт, веќе немаат шанси да станат прваци. Имено, никогаш досега во историјата на Бундеслигата, еден тим кој ги загубил првите три натпревари не успеал да ја освои шампионската титула.

Fußball Bundesliga Borussia Dortmund - VfL Wolfsburg

Борусија Дортмунд му го нанесе третиот пораз на Волфсбург

А овие три тима, кои во моментов се на самото дно на табелата, за време на викендот го загубија и третиот одигран натпревар.

Магат е трпелив

Шалке нагости загуби од лидерот на табелата Хофенхајм, кој покажува игра како пред две сезони, кога како новајлија во лигата стана есенски првак. Феликс Магат тренерот на екипата од Гелзенкирхен за која во нападот покрај Раул дебитираше и засилувањето од Милан, Хунтелар сепак и натаму е трпелив: „Со ваква тактика и состав игравме за првпат. Затоа треба високо да се цени тоа дека долго добро му париравме на лидерот на табелата и покажавме добра игра.“

Штутгарт, пак, загуби во Фрајбург со 2:1, а Волфсбург кој потроши најмногу пари во преодниот рок третиот пораз претрпе на гостувањето во Дортмунд од убедливата Борусија.

Бајерн: Виновна е ФИФА

За лош старт се говори и кај шампионите во Минхен. Раководството на Бајерн вината пред се’ ја гледа во ФИФА и во УЕФА и квалификациските натпревари, поради кои тренерот Луис Ван Гал остана без 14 играчи. По три кола, Бајерн има само четири бода на 11 место, а беше неубедлив викендов на домашен терен во ремито без голови против Вердер.

Fußball Bundesliga Hannover 96 - Bayer 04 Leverkusen

Михаел Балак се здоби со нова повреда на мечот до Хановер

„Кога дома ќе се одигра 0:0 не може да се биде задоволен, исто како и кога од три натпревари ќе се освојат само четири бодови“, изјави по мечот играчот на Бајерн Филип Лам.

Шок во Леверкузен- тешка повреда на Балак

Први три бодови сезонава освои Келн со новиот капитен Лукас Подолски, кој на домашен терен против Санкт Паули славеше со 1:0. Хамбургер, пак, ги загуби првите два бода, откако по двете почетни победи ремизираше со Нирнберг. Нерешено 2:2 одигра и Бајер Леверкузен со Хановер, но уште поголем шок е повредата на најголемото засилување сезонава Михаел Балак, кој нема да може да настапува во наредните шест недели. Најголемо изненадување приреди Ајнтрахт Франкфурт со победата од 4:0 на гости против Борусија Менхенгладбах, која само пред едно коло го совлада Бајер во Леверкузен со 6:3.

Мајнц победува и не гледа на табелата

1. FSV Mainz 05 gegen 1. FC Kaiserslautern

Сцена од мечот Мајнц- Кајзерслаутерн

И конечно Мајнц, на македонскиот репрезентативец Николче Новевски, се надоврза на успешниот старт и ја славеше третата победа во третиот натпревар и се наоѓа на второто место на табелата со ист број бодови како лидерот Хофенхајм. Голманот Кристијан Веткло е скромен и не сака да се преценува овој момент: „Ние не гледаме на табелата. Таа воопшто нема значење по само три кола. Меѓутоа, ние веќе собравме девет бодови за спас од испаѓањето од лигата.“

Автор: Тобиас Елмајер/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска