1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Атлетската мундијалска историја продолжува

Новиот собир на светската атлетика е во Москва. Стартниот пиштол го означува почетокот на 14-то мундијалско поглавје. Атлетската елита во претстојните денови ќе ја демонстрира силата на „кралицата на спортовите.“

Блеска стадионот „Лужники“ во Москва! Тоа е стадионот кој пред 33 години беше домаќин на олимписките збиднувања, но во нецелосен состав. Олимписката атлетика во таа далечна 1980 година беше осиромашена поради бојкотот на голем број земји, како последица на силните политички конфронтации на релација Исток-Запад. Денес, по повеќе од три децении „Лужники“ е во сосема поинакво светло. Тој е вистинскиот центар на атлетскиот свет, со учество на близу 200 национални селекции.

Три децении мундијалска историја

Во надминувањето на тие кризни 80-ти години, кога спортот немилосрдно беше вовлечен во политичките игри, силно влијание имаше востановувањето на светските атлетски првенства. Делува парадоксално, но спортот со милениумска традиција дури на почетокот од 80-тите години од 20 век конечно се реши да им се придружи на сите други спортови, со светско првенство во својот календар!

Таа нова силна димензија во атлетиката својот прапочеток го имаше во 1983 година во Хелсинки.

Карл Луис, Јармила Кратохвилова, Едвин Мозис, Сергеј Бубка, Хајке Дрекслер... беа дел од првите мундијалски ѕвезди. Но, Хелсинки со учество на 1333 атлетичари од 153 земји оствари поинаква, многу повредна победа. Ја врати вербата дека спортот може да ѝ се спротистави на политиката.

Силата на атлетиката

Мундијалот се претвори во силен атлетски полигон, пандан и на олимписката атлетика. Незаборавни натпреварувања, величествени имиња, рекордни достигања... денес атлетиката има исклучително силна димензија во светот на спортот. Ако до вчера, беа доминантни само неколку земји, денес одличјата се распределени поинаку: На последното светско првенство во Даегу во 2011 година атлетичари од 47 земји се изборија за едно од трите одличја. Уште поколоритна и посугестивна беше и ланската олимписка слика од Лондон.

Москва е сукцесорот: Навистина, летово ја потресоа неколку големи допинг-скандали, атлетиката има и капацитет и моќ да се справи со сите закани да го засенат нејзиниот сјај.

Кенијките и Мо Фарах ѕвезди на првиот ден?

Денеска со првите стартни истрели ќе истрча светската спринтерска елита на чело со Јусеин Болт. Но, најголемиот натпреварувачки заплет доаѓа на најдолгите делници со женскиот маратон и со машкото финале на 10 илјади метри. Африканките, пред сѐ Кенијките, ќе ја имаат фаворитската улога на натпреварувачката голгота низ улиците на Москва. На 10 километри сите африканци, Етиопјани, Кенијци, Арапи... сите европјани и Американци ќе бидат со една мисла: „Како да се победи непобедливиот натурализиран Британец, Мохамед Фарах?“

„Лужники“ денеска ширум ги отвора вратите за новата атлетска магија!