1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Атина призна дека не може да ги исполни обврските

Грчките власти признаа дека не можат да ги исполнат преземените обврски кон меѓународните кредитори за намалување на буџетскиот дефицит. Признанието ги шокираше берзите во Азија, се очекува реакцијата во Европа.

default

Официјална Атина синоќа соопшти дека нема да успее да ги исполни бараните намалувања во буџетскиот дефицит за тековната и за следната година, кои беа договорени со ЕУ и ММФ. Проектираниот буџет за годинава предвидува дупка од 8,5 проценти, што е над проектираната рамка од 7,6 отсто. Слични се проценките и за следната година, за која се предвидува дефицит од 6,8 проценти од брутодомашниот производ, наспроти бараните 6,5 проценти.

Очекувањата се дека овие прогнози ќе имаат натамошен негативен одраз врз состојбите во државата, откако стана јасно дека проектираните зголемувања на вонредниот данок и намалувањето на платите во јавниот сектор не се доволни за да се исполнат преземените обврски на задолжената земја.

Веста беше соопштена во истовреме кога во земјата се наоѓаат ревизорите на ЕУ, ММФ и Европската централна банка кои треба да проценат дали Атина ги исполнува условите за доделување на новата транша од меѓународната помош во вредност од 8 милијарди евра.

NO FLASH Symbolbild Griechenland Finanzen

Одлуката за новата рата од помошта денеска треба да донесат и министрите за финансии на земјите-членки на еврозоната. Министрите ќе слушнат од еврокомесарот за финансии Оли Рен што треба Грција да стори за да ги исполни задачите кон ММФ. Грција има долг од над 350 милијарди евра, а без новата транша од кредитот нема да може да ги исплати платите и другите трошоци.

Берзите во шок

Берзите во Азија кои први отворија денеска, реагираа негативно на вестите од Атина и бележат загуби од 2 до 5 проценти во утринското тргување. Сличен тренд се очекува и на европските пазари.

Проценките кои доаѓаат од одредени политички кругови не ветуваат оптимизам за состојбата во Грција. Според Михаел Фукс, еден од водечките пратеници на конзервативната коалиција на германската канцеларка Ангела Меркел, Грција е веќе банкрот и ќе мора да и се простат дел од долговите.

„Грција е банкротирана. Веројатно не постои друг излез за нас, освен да и простиме 50 проценти од нејзините долгови“, рече Фукс, кој се наоѓа на чело на бизнис-групацијата на конзервативците во Бундестагот.

Автор: БГ/ AT/ афп/ ројтерс/ дпа

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM