1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Атина наоѓа изговори за да ја блокира Македонија“

Австрискиот „Ди пресе“ објавува интервју со Никола Попоски, министер за надворешни работи на Македонија. Повеќе весници во Германија најавуваат дека ЕУ ќе и’ даде на Грција години повеќе време за да ги исполни задачите

„Многумина веруваат дека тоа може да биде предност за нас, но тоа го направи ова прашање покомпликувано“, вели Никола Попоски,  министер за надворешни работи на Македонија, во одговорот на прашањето на виенскиот весник „Ди пресе“, дали тоа, што сега Грција е заслабната од кризата, може да го направи полесно изнаоѓањето компромис во спорот за името, со што би била надмината блокадата за почеток на преговори за пристапување на Македонија кон ЕУ. „Сите политички сили во Грција се принудени да се концентрираат врз кризата како доминантна тема. На билатерални работи како ова со Македонија, им се посветува малку енергија. Но, ние не можеме тоа едноставно да го одложиме додека да дојдат подобри времиња“, вели Попоски. Тој нагласува дека тврдењето за опасност од независна Македонија за безбедноста и територијалниот интегритет на Грција, со кое таа го образложи отворањето на прашањето за името, „сега, 20 години потоа, уште појасно отколку тогаш се покажува дека тоа беше бесмислица“.

На прашањето на „Ди пресе“, дали поставувањето споменици на Филип и на Александар Велики не е контрапродуктивно во спорот со Грција, Попоски возвраќа : „Тоа се злоупотребува како изговор. Ние бевме веќе многу години блокирани уште пред да бидат поставени спомениците. Во изминатите години видовме дека Грција изнајде голем број изговори за да ја оправда неоправданата блокада“.

Попоски во интервјуто уште нагласува дека и натаму е висока подршката од населението за целта за пристапување на Македонија кон ЕУ, која „од македонска перспектива е многу повеќе од проста економска димензија“. Но, оценките дека земјата е подготвена за почеток на преговори, што веќе со години ги изнесува Комисијата на ЕУ, а почетокот се одложува поради блокадата од една единствена земја-членка води кон тоа, „многумина да ја загубат довербата во европските институции“.

Пристапувањето кон ЕУ „стана покомпликувано“ оти Унијата е многу попретпазлива откако ги согледа своите грешки при претходните проширувања, а и поради кризата, нагласува Попоски. Но, тој ги демантира стравувањата на Европејците дека со прием на нови членови постоечките проблеми би биле уште поголеми: „Некои држави, кои не се во ЕУ, имаат подобри перформанси од некои во ЕУ. Нашиот долг е еден од најниските во Европа. Ние секогаш се придржувавме кон критериумите од Мастрихт. Да бевме членка на ЕУ, ќе можевме да учествуваме во фондот за спасување на побогатите држави“, вели Никола Попоски, министер за надворешни работи на Македонија, во интервју за австрискиот весник „Ди пресе“.

Повеќе време за Грција

Државите од еврозоната ќе и’ одобрат на Грција продолжување од две години, па наместо во 2014, ќе треба во 2016 година да го симне новото задолжување под границата од 3 проценти од БДП, предвидена со критериумите од Мастрихт, известува „Зиддојче цајтунг“. Притоа и натаму „не е јасно како ќе биде затворена дупката во финансиското планирање за 2013 и 2014 година“, кога се потребни дополнителни 15 до 18 милијарди, а „целосно е отворено и прашањето како Атина ќе се финансира по 2014 година“, се вели во весникот. „Тоа што евро-партнерите сепак се решија да и’ излезат во пресрет се должи на фактот дека Грција за првпат решително ги спроведува ветените реформи. Освен тоа, новите финансиски проблеми помалку се должат на политички грешки, отколку на длабоката рецесија, каква што не очекуваа ни државите-донатори“. Згора на тоа, водечките европски државници сметаат дека исфрлањето на Грција од еврозоната би било политички и економски премногу  ризично, образложува „Зиддојче цајтунг“.

„Бројките за грчкиот државен дефицит не појаснуваат ништо“, констатира весникот „Тагесшпигел“ во насловот на прилогот за Грција. Според европската агенција за статистика „Еуростат“, вкупниот долг на Грција е уште повисок од досега познатото и изнесува 170,6 проценти од БДП. Весникот се надоврзува на оваа информација, па констатира: „Новите сознанија што произлегуваат од најновата статистика за ситуацијата на Грција  се еднакви на нула. Дали коефициентот на задолженост во минатата година изнесувал 170,6 или 165,3 проценти, не ја менува ни малку состојбата. А таа, како што е доволно познато, за жал е мизерна“.