1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Атина и Софија опстојуваат на добрососедските односи

Грција и Бугарија денеска во Атина ги поздравија заклучоците на ЕУ во контекст на Македонија. Двете земји повторно ги истакнаа добрососедските односи како предуслов за натамошна евроинтеграција на Македонија.

Грција и Бугарија се согласуваат со текстот усвоен едногласно од ЕУ во врска со Македонија, во кој како предуслов е утврдено почитувањето на добрососедските односи, изјави денеска во Атина грчкиот премиер Андонис Самарас на заедничка прес-конференција со неговиот бугарски колега Бојко Борисов.

EU Gipfel in Brüssel

Андонис Самарас

Истакнувајќи ја заедничката поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, Самарас додаде дека почитувањето на добрососедските односи ќе се набљудува и ќе се оценува. „Задоволен сум со почитувањето на принципите и критериумите што постојат во Европа. Во вакво време на криза и проблеми во целиот свет, конфликтите и иредентизмот не водат никаде. Секоја земја мора да сфати дека таквите политики не можат да бидат услов за интеграција“, изјави Самарас.

Boiko Borisov Bulgarien Premierminister

Бојко Борисов

Според Борисов, Бугарија најмногу ја поддржала Македонија во нејзината европска интеграција. „Но, не можам да прифатам да се прават филмови против Бугарија на тема спасување на Евреите за време на нацизмот. Бугарија спаси 50 илјади Евреи и тоа го признаваат сите, вклучувајќи го и Израел“, изјави Борисов.

Тој, исто така, го повтори ставот на Бугарија за почитувањето на добрососедските односи и „взаемното почитување на сите страни“, истакнувајќи дека Бугарија ја поддржува интеграцијата во ЕУ и НАТО на сите земји од Балканот доколку се исполнуваат овие услови.

Во рамките на втората седница на Советот за соработка на високо ниво меѓу владите на Грција и Бугарија, денеска во Атина во присуство на двајцата премиери беа потпишани седум документи за соработка меѓу двете земји.