1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Атина е бесна на Меркел

Грчката влада тврди дека канцеларката Ангела Меркел предложила референдум за останување на Грција во еврозоната. Берлин тоа остро го демантира.

Наводниот предлог на германската канцеларка Ангела Меркел за грчки референдум околу останување во еврозоната предизвика голема возбуда во Атина. Канцеларијата на грчкиот преоден премиер Панајотис Пикраменос соопшти дека Меркел предложила грчките избирачи на 17 јуни, паралелено со гласањето за новиот парламент, да се изјаснат и околу еврото. Грчките партии реагираа со огорченост на соопштението на нивната влада. Конзервативната Неа Демократија ја обвини Меркел дека нема доволно сензибилност. „На грчкиот народ не му е потребен рефeрендум за да докаже дека сака да остане во еврозоната. Грчкиот народ, меѓутоа, заслужува почит од своите партнери. Денешниот предлог на госпоѓа Меркел, среде кампања, е неприфатлив. Таа му се обраќа на грчкиот народ во погрешен момент со погрешна информација“.

Symbolbild Montage Angela Merkel Flagge Griechenland EU-Hilfen FInanzkrise

Канцеларката Меркел не дала таков предлог, се тврди во Берлин

Социјалистичкиот ПАСОК соопшти дека референдуми се исклучиво „во надлежност на грчката влада и парламентот, а не се во надлежност на ЕУ или владите на одделни држави“. „Нема причина за рeферендум“, соопшти канцеларијатана шефот на ПАСОК, Евангелос Венизелос.

Комунистичката партија го нарече наводниот предлог на Меркел „уцена“.

Официјален Берлин веднаш демантираше дека германската канцеларка дала таков предлог. „Остро го демантираме тоа“, изјави портпаролот на владата Георг Штрајтер. Меркел досега, неколку пати јавно се изјасни против референдум во Грција. Грчкиот премиер Папандреу во ноември 2011 година предложи рефeрендум за еврото, но тоа наиде на голем отпор, меѓу другите и во Париз и Берлин.