1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Атина даде предлог за да нема решение?

Аналитичарите не се изненадени од пораките на Метју Нимиц по неговиот престој во Атина и Скопје. Ова е засега симболичен крај на преговорите меѓу Македонија и Грција, се вели во Скопје.

Метју Нимиц го губи легитимитетот на медијатор во спорот околу името кој нема изгледи дека наскоро ќе може да биде решен, коментираат аналитичарите во Македонија по посетата на посредникот на ОН на Атина и Скопје. Пораката на посредникот по средбата со премиерот Никола Груевски дека Грција инсистира на име со географска одредница за севкупна употреба (според дипломатски извори - Република Горна Македонија) значи придвижување, но далеку од позитивно, коментира за Дојче веле поранешниот амбасадор Ристо Никовски. Грција, според него, не сака решение и затоа нуди предлог кој знае дека е неприфатлив за Македонија:

„Нимиц, за прв пат јавно, ни кажа зошто мораме да го смениме името. Ни порача дека ’регионот Македонија, поделен пред 100 години, е поголем од државата, дека дел од регионот е во Грција и поради тоа мора да има одредница за да се разјаснело дека има разлика’! Во ред, нека е и така. Ама зошто Македонија да го менува своето име за да се разликува од делот во Грција? Зарем, не е тоа држава прокламирана под истото име пред 69 години, со македонски народ, јазик, кои се вековни? Зошто, ако навистина нема други проблеми, не е доволен фактот што во Грција нема административен регион ’Македонија’, а има три дистрикти кои носат различни имиња - Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија, кои ние не ги оспоруваме? Зарем не е доволна разликата која тие имиња ја генерираат? Или, ако треба нешто да се менува, зошто тоа да не биде во Грција? Името ’Македонија’ тие за своите дистрикти официјално го користат од 1988, а нашата држава од 1944 година. Долго пред нив. Надвор од умот е и самото споредување на името на една држава со географски регион или имиња на дистрикти. Таму нема провинција Македонија! На една страна - Република Македонија, при што политичката одредница ’република’ апсолутно ги детерминира границите на земјата (делот од регионот) и никого на загрозува. А, од другата страна - Западна, Централна и Источна Македонија? Нема тука простор за никаква забуна. Клучно е што Нимиц отворено застана на грчка страна, а неговото објаснување не држи вода. Така, тој го загуби легитимитетот да остане медијатор“, реагира Никовски.

Matthew Nimitz

Метју Нимиц во Скопје за првпат зборуваше отворено околу неговите предлози и ставови во спорот

Опсегот на употребата и местоположбата на географската одредница во името на Македонија, според Нимиц, се двете прашања околу кои има суштинска разлика меѓу Атина и Скопје. Според познавачите тоа е и логично, посебно ако се има предвид фактот дека Македонија не сака да слушне за име за севкупна употреба што би повлекло промена на пасоши, документи, устав на земјата. Ваквата ситуација не дава простор за оптимизам дека во догледно време ќе се случи позитивен развој, смета поранешниот амбасадор и министер за надворешни работи, Денко Малески:

„Ова е засега еден симболичен крај на преговорите помеѓу Македонија и Грција. Се разбира, преговорите ќе продолжат во истиот формат, можеби со нов медијатор, затоа што тоа е обврска наметната од Советот за безбедност на ОН, но решение во догледно време нема да има. Грчката Влада, заглавена во сериозна економска криза, чии политички последици се гледаат во фактот дека една национал-фашистичка партија е трета по бројност во нивниот парламент, останува на своите тврди позиции. Нашата Влада, заглавена во својата националистичка интерпретација на македонската историја не може да најде рационално објаснување пред македонската јавност, зошто, кога веќе постои само една вистина за Македонија, е потребен компромис за името и достанцирање од идентитетот на античките Македонци. Значи, се‘ додека не се променат политичките прилики во двете земји, а за тоа ќе треба време, нема да има решение на проблемот меѓу двете држави, ниту пак членство во НАТО и ЕУ“, коментира Малески.

Медијаторот Нимиц во Скопје за првпат зборуваше отворено околу неговите предлози и ставови во спорот. По средбата со Груевски тој изјави дека договореното име мора да содржи Македонија, бидејќи земјата се наоѓа на територијата на Македонија, но не на целата територија, и поради тоа со одредница треба географски да се оддели од делот кој се наоѓа во Грција. Сите досегашни негови предлози содржеле само географски одредници без каков бил етнички предзнак. Кусо одговори и дека Грција е за ерга омнес, а тој не.