1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Атина бесна на Меркел и „приказните за мрзливите Грци“

„Водење политика со помош на стереотипи“, реагираат во Грција на изјавите на германската канцеларка Ангела Меркел дека Грците треба да работат повредно за да добијат финансиска помош. Грците се огорчени.

default

Грците се навредени од Меркел

„Треба да се откажете од одмор“ опоменува налутена Ангела Меркел на насловната страница на најтиражниот грчки дневен весник „Та Неа“. „Ново шоу на Меркел“ гласи насловот во конзервативниот весник „Елефтерос Типос“, кој е близок на опозицијата и кој состојбата ја објаснува од свој аспект: „Таа сака помалку одмор и празници за да се спаси Грција, а притоа Германците работат помалку од Грците.“

Ваквиот став е широко распространет во Грција и само се засилува кога ќе се слушне дека во Германија постои „пауза за ручек“ која трае цел час или повеќе, што за грчки услови е незамисливо, барем не во приватните фирми.

Flash-Galerie Screenshot bz-berlin.de

Грчките весници-полни со изјавата на Меркел

Внатрешнополитички мотиви на Меркел?

Грците критикуваат дека се прават обиди за водење политика со стереотипи. Многумина коментатори укажуваат на внатрешнополитичките тешкотии и жестоките дебати во рамки на германската владејачка коалиција, кои наводно водат до надворешнополитички гафови. Во секој случај, критиките од Берлин доаѓаат во критичен временски период, имено во време кога ЕУ и ММФ размислуваат за „меко реструктуирање“ на грчкиот долг, за да се добие време за спроведување на болните реформи.

Deutschland Politik Merkel PK Strauss-Kahn IWF

Ангела Меркел

Не секогаш се виновни оние од „надвор“

Многумина Грци сметаат дека критиката од Германија е неправедна или дека е дури и вербално демонстрирање моќ, особено кога се употребуваат клишеа за јужњаци кои не сакаат да работат. Во вакви случаи се потсетува на грчките барања кои би донесле многу пари во јавните каси, доколку, наводно од политички причини, не се држат во „фиока“. Класичен пример за тоа се барањата за репарации од Втората светска војна, или аферата Сименс. Поранешниот министер за економија Стефанос Манос непостапувањето на судските органи во овој случај го нарекува скандал. Не може Нигерија да изрекла казни против Сименс поради аферата со поткуп, a Грција да стравува да ги постави своите оправдани барања, се лути Манос, кој важи за многу почитуван политичар.

Кој, пак, ќе се задлабочи во неговите текстови, ќе стекне впечаток дека критиката од Германија во многу делови е оправдана. Зашто Манос постојано предупредува од опасноста од замор од реформи и таложење државни долгови. Неодамна критикуваше дека грчките политичари се кукавици и се‘ уште шпекулираат со тоа дека ЕУ ги принудува на реформи, само за потоа да можат да тврдат дека болните мерки за штедење не биле нивна одлука. Ниту еден германски политичар тоа не би го формулирал „поотровно“.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска