1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Атина без јавен превоз

Грчката полиција денеска упадна во депото на атинското метро за да го растера персоналот, кој веќе девет дена штрајкува против кратењето на платите. Владата нареди запирање на штрајкот, работниците не се откажуваат.

Метро-линиите во градот остануваат затворени деветти ден по ред, откако најголем дел од работниците во метрото го продолжија штрајкот против планираните кратења. Некои од нив беа принудени да се вратат на работа, затоа што полицијата им се закани дека ќе ги уапси.

Покрај двете линии на метрото, денеска нема да сообраќаат ниту надземното метро, автобусите, трамваите и приградските возови. Синдикатите одлучија да го остават четиримилионскиот град без јавен транспорт, како одговор на владата која објави граѓанска мобилизација на штрајкувачите. Неодзивањето на граѓанската мобилизација теоретски може да повлече затворска казна. Освен тоа, обвинителството отвори кривична постапка против учесниците во штрајкот поради непочитување на судските одлуки со кои штрајкот беше прогласен за незаконски.

Затоа денеска беше испратена и полиција, која околу четири часот утрово се обиде да ја пробие металната капија. Тогаш настана тепачка со 90-те работници кои во текот на ноќта се собраа за да протестираат. Полицијата уапси најмалку 10 лица, а една жена со полесни повреди беше пренесена во болница.

Athen Metro Streik

Граѓаните се незадоволни поради блокадата на јавниот превоз

Штрајкот е нов тест за стабилноста на грчката владина коалиција. Владата на премиерот Антонис Самарас зазеде црста позиција кон штрајкот и покрај критиките од најмалата партија во трипартитната владина коалиција. Премиерот Антонис Самарас во четвртокот рече дека владата нема намера да го исполни главниот услов на штрајкувачите, односно да се откаже од намалувањето на платите на работниците во метрото во рамките на целокупното префрлање на јавниот сектор на еден колективен договор за платите кој важи од 1-ви јануари. Со него платите ќе бидат скратени за 25 проценти.

Штрајкот го зголеми гневот на граѓаните кои се погодени од блокираниот јавен сообраќај. Штрајкувачите во метрото, пак, добиваат поддршка од синдикатите на останатите јавни транспортери, кои како и денеска планираат повторно да штрајкуваат и на 29-ти јануари.