1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Атеистите се жалат дека ЕУ ги игнорира

Атеистичките групи, кои тврдат дека милиони нерелигиозни луѓе ширум светот се цел на прогон, ја обвинуваат ЕУ дека не застанала зад нивните барања пред Обединетите нации.

Групите кои ги претставуваат атеистите протестираат откако Советот за човекови права на ОН усвои резолуција, подготвена од ЕУ, во која се бара ставање крај на верска нетолеранција и насилство и се повикуваат владите да ги почитуваат слободата на вероисповест и вера. Овие групи претходно испратија податоци за нарушувањето на правата и на атеистите, најчесто во муслиманските земји, и бараа и тие податоци да се вклучат во резолуцијата. Но, ЕУ која ја подготвувала резолуцијата нивните ставови не ги зела предвид.

„Текстот на резолуцијата покажува дека светот, па дури и секуларниот Запад, ги игнорира барањата на атеистите и другите нерелигиозни луѓе во многу земји“, вели Соња Егерикс, претседател на Меѓународната хуманистичка и етичка унија.

„Многу луѓе кои не признаваат постоење на надчовечки суштества страдаат, па дури и умираат поради тоа што бараат да се почитува нивното право“, вели Егерикс.

Елизабет Окејси од американскиот Центар за истраги оценува дека одбивањето на ЕУ да ги вклучи во резолуцијата и атеистите, како група на луѓе на кои им е потребна заштита, значи игнорирање на милиони луѓе ширум планетата.

Од ЕУ одговорија дека од текстот на резолуцијата е јасно дека таа се однесува и на верниците и на неверниците. Извори од Унијата велат дека резолуцијата „ги осудува сите форми на насилство, нетолеранција и дискриминација на луѓе врз база на нивниот религиозен или нерелигиозен идентитет“.

Дипломатите кои инсистираа на анонимност, сепак потврдуваат дека ЕУ го отфрлила споменувањето на атеистите во резолуцијата во договор со исламските земји. Во замена за поддршка за нејзината резолуција, ЕУ се согласила да поддржи декларација на исламските земји во која, меѓу редови, се забранува „клеветење на религијата“.