1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Аскетизмот носи среќа

Сабрина Улрих се нарекува себе си модерен аскет. Живот без никаков луксуз, но затоа со многу време. Tаа живее во преуреден транспортер. Сабрина е среќна што имала храброст да излезе од нормалниот живот и да биде среќна.

„Возилото е старо 32 години. Ова е преуреден транспортер за пијалоци. Колку што ми е познато, со американски станбен контејнер назад. Го користеле за разнесување пијалоци, а некогаш биле вградени и кујна, бања, тоалет, се‘ можно во него. Значи, овде има се‘ што има во еден нормален стан. Освен топла вода“, објаснува Сабрина.

На овој спартански живот таа се одлучила пред три месеци. Нејзиното мото е: човек е посреќен со помалку. Навистина, тесно е, но е удобно, има дури и туш кабина, барем во принцип.

„Човек едноставно го зема цревото од чешмата, го поставува на држачот и може целата кабина да ја користи како кабина за туширање, овде може нормално да се тушира.“

Смртта на блиска роднина, ја навела да размислува многу околу животот, па откажала се‘: својот стан, работата и со своето куче се преселила на периферијата на Мајнц.

„Јас сум посреќна со помалку. Со годините научив, колку човек поседува повеќе, мора за тоа и повеќе да се грижи. Човек има многу работи на кои треба да внимава, да ги сместува некаде. На пример, имам можеби автомобил и велосипед, па и мопед, а користам едно од нив, а за другите морам да најдам место каде ќе стојат и нема да се оштетат, ...Ако човек нема толку работи, нема ни толку грижи околу нив, јас лично сум посреќна со помалку, зашто така имам помалку обврски.“

Постоеја и други времиња. До минатото лето Сабрина Улрих заработуваше многу како продавачка, одеше на одмор на скапи патувања, но никогаш немаше време за себе.

„Мислам дека имав 25 години, бев раководител на филијалата на продавница за облека, имав се‘ што може да се постигне, а сепак не бев среќна. И покрај тоа, човек станува наутро, ги сака колегите и работата, но сепак не е задоволен. А задоволството за мене е рамно на слободата да можеш го правиш она што сакаш, а не она што ти го пропишува општеството.“

Денес таа повремено работи како онлајн-новинар. Заработува неколку стотина евра, но повеќе засега не и‘ е ни потребно. Работата, без оглед на поривот за слобода, е важна константа во нејзиниот живот.

„Не можам да си претставм живот без работа. Работата е едноставно неопходна за до одреден степен независен живот. Важно е да се ужива во работата. Порано трчав низ продавницата, дозволував муштериите лошо да ме третираат зашто сакав да им продадам пантолони, но тоа е нешто друго. Овде можам да работам сама, слободно, можам да работам дома.“

Задоволство и самоорганизација, се чини за Сабрина Улрих тоа е животна филозофија. Тука спаѓа и спортско искачување, за што таа сега конечно има време. Спорт, кој сосем и‘ одговара, зашто отсликува малку од нејзиниот животен стил.

„Делумно има врска со слободата. Крајно, постојат правила, но не мора да се користат. Можам да се искачам на едно ниво, но не морам. Истовремено, ова овозможува бистра глава и фит-тело. Ако имам лош ден, не морам ништо да правам, седнувам, пијам кафе и јадам колач. Се‘ може, но не мора. Постојат правила на кои човек може и смее да се придржува, но и не мора“.

Сабрина Улрих е среќна што имала храброст да излезе од нормалниот живот и да биде среќна. Тајм аут, но не за секогаш. Зашто, и таа посакува некогаш да има семејство. Но, дотогаш, таа ужива во својата слобода.