1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Асамоа: Бев најцрн црнец во репрезентацијата

Со заедничка акција на сите 18 клубови, германската Бундеслига овој викенд промовира толеранција и интеграција во земјата. За тие теми зборува екс-репрезентативецот, сега играч на Гројтер Фирт, Џералд Асамоа.

Фудбалерите на Бундеслигата во ова трето коло излегоа со дресови без рекламни натписи, туку со порака: „Следи го својот пат“. Првата ваква акција беше спроведена во 1992. година како реакција на тогашните расистички мотивирани безредија во Росток. Тогаш на дресовите пишуваше: „Мојот пријател е странец“.

Џералд Асамоа е еден од фудбалерите кој почувствувал што значи „интеграција“. Асамоа е роден пред 32 години во Гана. Кога во 2001. година доби германско државјанство, беше првиот роден Африканец во германската репрезентација. Во дресот на германската национална селекција настапи 43 пати. Од 1999. година до 2010. година играше за Шалке. Моментно игра за новајлијата во Првата лига, Гројтер Фирт.

Асамоа е познат по тоа што често се смее, дури и во тешки времиња, зошто?

„Јас сум таква личност. Не знам колку сето ова ќе трае, поради тоа уживам во секој ден. Таквото расположение никогаш нема да го загубам, зашто сум таков и таков ќе останам“, вели Асамоа.

Колку работите се променети откако Асамоа дојде во Бундеслигата во 1999. година?

Torsten Frings und Gerald Asamoah

Џералд Асамоа и Торстен Фрингс

„Многу, многу нешта се променија. Сега во игра се многу повеќе пари. Сметам дека голем напредок е постигнат кога е во прашање борбата против расизам. На почетокот, кога играв за Хановер, беше екстремно. Секако дека секогаш може да се постигне повеќе. Меѓутоа, кога ќе видите дека некои работи се промениле, тогаш сте горди што и самиот сте биле некој кој учествувал во тоа и некој кој се осмелил да зборува за тоа“.

Асамоа е убеден дека ситуацијата во Бундеслигата е подобра, но дали и натаму во германскиот фудбал има помалку расизам? Кое е неговото искуство?

„Секако дека уште има идиоти кои тоа никогаш нема да го разберат. Но, во споредба со 90-те години, кога луѓето свесно ме навредуваа, ситуацијата е многу подобра. Личности како Михаел Балак, поранешниот капитен на репрезантацијата, секогаш наоѓаат пат до помладите. Мораме отворено да зборуваме на оваа тема, во спротивно нема да можеме да ги промениме луѓето. Бев првиот црнец во германската репрезентација и морав многу нешта да поднесам. Ми стигнуваа и писма на домашната адреса, имаше луѓе кои беа против мене. Против таквите лица поднесов кривична пријава. Но, бев убеден дека нешто може да се промени. Ако не се обидете нешто да промените, тоа нема само да се смени. Можеби благодарение на своето име успеав да ја променам ситуацијата, ако ништо повеќе, тогаш за моите деца. Заради нив и го правев тоа и се надевам дека ќе биде подобро“.

На забелешката дека во германската фудбалска репрезентација играше и Ервин Костеде, исто така со темна боја на кожата, Асамоа, смеејќи се, заклучува:

„Да, но Костеде беше полуцрнец, фифти - фифти. Јас бев најцрниот црнец“.