1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Асад: Сирија се наоѓа во вистинска војна

Сирискиот претседател Башар ал Асад во говор пред новоизбраниот парламент ги обвини странските сили за насилството во земјата. Ова е прв негов говор по масакрот во Хула за кој власта и опозицијата меѓусебно се обвинија.

На почетокот од својот прв говор од јануари наваму, сирискиот претседател Башар Ал Асад им оддаде почит на сите жртви во судирите во неговата земја без оглед дали се цивили или војници, истакнувајќи дека тие не загинале залудно.
Асад пред новоизбраните сириски пратеници истакна дека само „монструми“ можеле да го изведат масакрот во местото Хула во кој загинаа 108 лица меѓу нив 49 деца.

И приврзениците на опозицијата и на режимот отфрлаат секаква одговорност за тој масакр, додека пак висок претставник на ОН изјави дека постојат „цврсти индиции“ дека убиствата ги извеле припадници на прорежимските трупи. За овој масакр во меѓувреме е покрената и меѓународна истрага.

„Бедем против тероризмот“

Башар ал Асад во денешниот говор пред новоизбраниот сириски парламент повтори дека е одлучен во намерата да им се спротивстави на противниците на режимот кои пред 15 месеци започнаа бунт и ја обвини меѓународната заедница дека води војна против неговата земја.

Сирија се соочува со „план на уништување“, изјави Асад во говорот кој траеше подолго од еден час и беше пренесуван од страна на државната телевизија. Тој притоа себеси се нарече „бедем против тероризмот“.  Говорот е оддржан во момент кога меѓународната заедница повторно го повикува сирискиот режим да прекине со насилството врз цивилното население во Сирија, каде судирите меѓу војската и противниците на режимот продолжија со сета жестокост и покрај мировниот план на Кофи Анан, специјалниот пратеник на ОН и на Арапската Лига.

Иако многумина сметаат дека Сирија е на работ на граѓанска војна, меѓународната заедница и натаму е поделена околу начинот на кој треба да се реши сириската криза.
 
Сирискиот претседател кој не го признава опозициското движење и неговите приврзеници ги нарекува терористи, изјави дека неговата влада се обидела на сите политички начини да ја реши кризата, меѓутоа оти сите тие напори биле залудни бидејќи земјата е соочена со вистинска војна која се води од странство.
Тој уште еднаш го отфрли дијалогот со опозицијата која како што рече е поврзана со странство, алудирајќи притоа на Сирискиот национален совет- главната опозициска коалиција која има седиште во странство.