1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Асад повторно одолговлекува и тактизира

Властите во Дамаск побараа писмени гаранции од бунтовниците дека ќе го положат оружјето пред да ја повлечат војската од градовите. Бунтовниците тоа го отфрлија.

Властите на сирискиот претседател Башар ал-Асад нема да ги повлечат своите вооружени сили додека не добијат писмена гаранција од опозицијата, соопшти сириското министерство за надворешни работи. „Не е точно дека Сирија ќе ги повлече своите сили од градовите на 10-ти април, бидејќи меѓународниот пратеник Кофи Анан сe’ уште не ги предаде писмените гаранции за тоа дека терористичките вооружени групации го прифаќаат прекинот на сите насилства и дека имаат намера да го предадат оружјето за државната власт да се распространи на целата територија на Сирија“, се наведува во соопштението што го пренесува сириската државна новинска агенција.

Според планот на специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија Кофи Анан, сириската војска би требало до 10 април да се повлече од градовите и во наредните 48 часа да се воспостави прекин на огнот.

Крвопролевањата продолжуваат

Денешната (08.04) најава на режимот во Дамаск е во спротивност со претходно дадените ветувања на Анан од минатата недела, кога беше соопштено дека сирискиот претседател Башар ал-Асад го прифатил договорот за примирје, кој повикува на повлекување на владините сили од градовите до вторник.

Командантот на бунтовничката Слободна сириска армија, Ријад ал-Асад веднаш го отфрли барањето на режимот во Дамаск за писмени гаранции дека оружјето ќе биде положено пред сириската војска да се повлече од градовите, како што е предвидено според планот на Анан.

Ријад ал-Асад денеска истакна дека Слободната сириска армија не го признава режимот на претседателот Асад и оти поради тоа нема да дава гаранции. Тој уште нагласи дека ако режимот го исполни планот од шет точки на специјалниот пратеник на Арапската лига и на ОН и неговата воена групација ќе прогласи прекин на огнот.

Инаку, вооружените судири во земјата продолжуваат. Денеска најпогодена е провинцијата Идлеб, во близина на границата со Турција , каде според податоците на невладините организации загинале најмалку седум лица.

Во вчерашните напади на сириската војска врз повеќе градови кои се упоришта на бунтовниците, загинале повеќе од 100 лица, од кои 87 се цивили, наведе опозицијата.