1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Асад и опозицијата непомирливи

На почетокот на меѓународната конференција за Сирија страните во конфликтот меѓусебно се обвинуваа. Сепак генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун средбата во Монтро ја оцени како мал успех.

Бан Ки Мун е задоволен. И покрај сите сомнежи меѓународната конференција за Сирија се одржа. Со тоа генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ја реализира својата краткорочна цел: За првпат по почетокот на судирите во март 2011. години страните во конфликтот во Сирија сигнализираа подготвеност за разговори. Во Монтро, Швајцарија тие еден ден беа во иста просторија и ги слушнаа брарањата и надежите на речиси 40 министри за надворешни работи од целиот свет.

Да, ќе успееме

„Денеска во Монтро го направивме првиот мал чекор“, резумираше Бан на крајот на конференцијата. „Во петок во Женева ќе направиме чекор понатаму, кога двете страни во конфликтот во Сирија ќе седнат и ќе разговараат меѓусебе“. Со тоа не е постигнат мир, не значи ниту крај на насилството, призна Бан и истовремено на сите страни им влеа надеж: „Имаме тешка делница пред нас. Но, можеме да успееме, мораме да успееме“.

Syrien Friedenskonferenz 22.01.2014 Montreux

Сирискиот министер за надворешни работи Муалем негираше секаква легитимност на сириската Национална коалиција

Претставниците на сириската влада и претставниците на опозицијата во Монтро не разговараа директно. Додека во високо обезбедуваниот хотел пред целиот свет ги изнесуваа своите непомирливи позиции, надвор демонстрираа, на безбедносна дистанца едни од други, нивните приврзаници. Прво сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем се јави за збор и предупреди од проширување на конфликтот во целиот регион. Тој ја повтори официјалната верзија на владата на Асад, дека за конфликтот се одговорни терористи и дојденци од странство.

Непомирливи контрахенти

На присутните претставници на сириската Национална коалиција министерот им негираше секаква легитимност. Тие се „предавници“ и не претставуваат никого освен самите себе, појасни министерот за надворешни работи. „Додека во Сирија умираат луѓе, вие престојувате во хотели со пет ѕвезди. Кој тврди дека зборува во името на Сиријците“, подвлече Муалем, „мора да живее каде што живеат тие и мора да страда исто како и тие“, рече Муалем.

Syrien Friedenskonferenz 22.01.2014 Montreux

Ахмед ал Џарб категорично одбива учество на Асад во преодна влада

Ахмед ал Џарба, шефот на сириската Национална коалиција од своја страна подвлече дека неговиот опозиционен сојуз целосно стои зад целите од т.н. Женевско комунике од јуни 2012. година. Овој документ, наречен уште „Женева 1“ ги повикува страните во конфликтот во Сирија да прекинат со насилството и да биде формирана преодна влада. „Би сакал да знам дали овде во просторијава има партнер, кој има волја, рака под рака со нас да работи на спроведување на Женевското комунике“, повика Ал Џарба.

Преодна влада со или без Асад?

Присутните министри за надворешни работи едногласно ги потворија очекувањата дека на крајот на т.н. „Женева 2“ процес разговори, би морало да стои формирање на преодна влада. Таа влада би требало да биде формирана со взаемна согласност и да поседува власт врз армијата и силите за безбедност. Несогласност владее по прашањето, дали претседателот Асад може да биде дел од оваа влада.

Syrien Konferenz in Montreux John Kerry 22.01.2014

Американскиот шеф дипломат Кери подвлекува дека Асад нема да биде дел од една преодна влада

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери по ова прашање беше бескомпромисен: „Башар Асад нема да биде дел од оваа влада. Тоа воопшто не е прашање. Незамисливо е, овој човек, кој со голема бруталност се однесува против сопствениот народ, да има право да владее“.

За сириската влада исклучувањето на Асад напротив воопшто не е дебата. Само сирискиот народ има право да одлучува за легитимноста на претседателот, соопшти министерот за надворешни работи Муалем. Водачот на опозицијата пак категорчно отфрла Асад во иднина да игра некаква улога. Асад имал „крв на рацете“. Ова последно го докажале фотографиите на илјадници жртви на измачување, кои според проценките на меѓународни експерти докажуваат систематско измачување во сириските затвори.

Резигнацијата не е опција

Syrien Friedenskonferenz 22.01.2014 Montreux

Шефот на германската диплоамтија Штајнмајер бара политичко решение

Исто така и германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер во Монтро укажа на фотографиите на кои е документирано измачување и притоа ја истакна неопходноста за изнаоѓање политичко решение: „Уверен сум, токму поради фотографиите кои ги видовме во последните денови од измачувани и убиени луѓе во Сирија, резигнација воопшто не ни е дозволена. Должни сме им на жртвите во Сирија жилаво и одлучно да работиме на политички пат, за да заврши умирањето со Сирија“.

Во 18-те месеци по договорот „Женева 1', бројот на жртвите во Сирија се зголеми за речиси 100.000, додека повеќе од 1,2 милиони луѓе се бегалци.