1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Асад го „прескокнале“ неговите команданти?

Сириските воени команданти, според извештај на „Билд ам зонтаг“, со месеци кај претседателот Асад ургирале за употреба на отровен гас. Весникот се повикува на информации од БНД.

Информациите, според „Билд ам зонтаг“, потекнуваат од пресретнатите разговори, снимени од германската подморница „Окер“, која крстари пред Сирија. Според сознанијата на специјалистите за прислушување, бараните напади со хемиско оружје биле постојано одбивани, а нападот од 21. август веројатно не бил извршен по лична наредба на Башар ал-Асад. Во него, како што тврди американската влада, се убиени 1.429 луѓе.

Германската тајна служба БНД проценува дека Асад уште долго може да се одржи на власт, независно од евентуален американски воен удар. Претседателот на БНД, Герхард Шиндлер, како што објавува „Билд ам зонтаг“, пред Комисијата на Бундестагот за одбрана, минатата недела на тајна седница ги пренесол разузнавачките сознанија, според кои граѓанската војна во Сирија може да се одолговлече со години.

Генералниот инспектор на Бундесверот Волкер Викер, пак, ги известил членовите на Комисијата за драматични промени во структурата на моќта меѓу бунтовниците: Сириската слободна армија, поддржувана од Западот, ја губи некогашната воена водечка улога. Наместо тоа, се‘ повеќе расте влијанието на Ал Каеда.

Тоа има драматични последици, известува весникот натаму: според Викер, речиси нема веќе преминување од редовите на трупите на Асад на страната на бунтовниците, зашто тие по правило веднаш ги стрелаат дезертерите.