1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Асад го предупредува Западот

Сирискиот претседател Башар ал Асад стравува од воена интервенција на Западот во неговата земја. Тој одбива да даде оставка и негира употреба на хемиско оружје.

„Постојано доаѓаат нови обвинувања против Сирија за употреба на хемиско оружје и барања да поднесам оставка. Веројатно ова треба да биде вовед во служба на претстојна војна против нашата земја“, изјави Башар ал Аасд во интервју за државната аргентинска новинска агенција Телам и за весникот „Кларин“.

„Се зборува дека е употребено хемиско оружје во населби. Ако тоа е вистина, дали притоа може да има само десет или 20 жртви? Употребата на хемиско оружје би чинела илјадници или десетици илјадници животи во само неколку минути. Кој би можел да сокрие такво нешто“, прашува Асад.

Американскиот претседател Барак Обама употребата на хемиско оружје во Сирија ја означи како „црвена линија“ за интервенција во сирискиот конфликт. Според неговиот министер за надворешни работи Џон Кери, САД веќе располагаат со „солидни докази“ за употреба на недозволеното оружје. Неговата помошничка Венди Шерман изјави во средата дека хемиско оружје во „помали количества“ било употребено најмалку двапати.

Syrien Konflikt Bürgerkrieg Staatspräsident Baschar al-Assad

Асад во интервју негира употреба на хемиско оружје

Асад во интервјуто повторно го одби барањето на опозицијата за негова оставка заради запирање на граѓанската војна.

„Оставката би била бегство“, вели Асад, кој меѓутоа искажува подготвеност за преговори со цел завршување на конфликтот, во кој во изминатите две години, според проценките на ОН, загинале над 70 илјади луѓе.

На почетокот на јуни завојуваните страни треба да седнат на маса и да дискутираат за мир и политичко решение, според планот за мировната конференција на САД и Русија. Но, мировните иницијативи се загрозени од спорот поради руското лиферување оружје на сирискиот режим. САД ја осудија одлуката на Москва да го вооружа Асад со противбродски ракети.

Франција пак се противи на барањето на Русија на мировната конференција, за која се‘уште не е утврден конкретен термин, да биде поканет и Иран, како сојузник на Асад. И германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле е скептичен во однос на шансите за успех на мировната конференција,. Прашање е дали воопшто конфликтните страни ќе  седнат на преговарачка маса, изјави тој при посетата на палестинските области.