1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Асад бомбардира градови во цела Сирија

Сириската армија продолжува со нападите на повеќе градови. Пред примирјето, претседателот Асад се обидува да уништи што повеќе бастиони на опозицијата, се жалат активисти за човекови права.

Околу една недела пред примирјето најавено од страна на сириската влада, ситуацијата во земјата е непрегледна. Додека противниците на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад јавуваат за жестоки напади, на пример врз предградие на Дамаск, претставници на владата на ОН им соопштија дека ги повлекле трупите од некои завојувани области.

Широка офанзива на владините трупи

Според сириската опозиција, владините трупи денеска нападнале повеќе градови во целата земја. Во градот Храјтан во провинцијата Алепо дошло до судири меѓу војската и бунтовниците, како и во јужната провинција Дера.

Сириските сили почнаа широка воена операција во предградието на Дамаск, Дума, соопшти Сириската опсерваторија за човековите права.

Според организацијата во Дума се водат борби меѓу сириската армија и дезертерите, а регионот е нападнат од тенкови.

Локалниот активист за заштита на човековите права Мохамед Саид изјави дека тоа е една од најтешките воени операции во тој регион од почетокот на бунтот против претседателот Башар ал Асад, кој почна во март минатата година.

Од понеделникот, кога Обединетите нации објавија дека Дамаск ветил дека итно ќе го примени планот на меѓународниот пратеник Кофи Анан за запирање на насилството, во Сирија се убиени околу 170 лица.

Претставник на владата во Женева пак соопшти дека владините трупи се повлекуваат од редица градови, како Дара, Идлиб и Сабадани.

Кофи Анан очекува целосен прекин на огнот во Сирија 48 часа по 10. април

Специјалниот пратеник на Обединетите нации и Арапската лига за Сирија Кофи Анан очекува сириските власти и опозицијата да воспостават целосен прекин на огнот 48 часа по 10. април, изјави денеска неговиот портпарол.

Очекуваме по 10. април сириските власти да го заврши повлекувањето на војската од населените места, изјави Ахмед Фаузи.

Според него, од тој момент започнува период од 48 часа, по што ќе настапи целосен прекин на сите форми на насилство од сите страни во конфликтот, вклучително сириската влада и сириската опозиција.

Од земјите членки на ОН беше побарано да обезбедат војници за мисијата за набљудување на договорот за примирје во Сирија по 10. април, истакна портпаролот.

Москва е против ултиматуми за планот на Анан за Сирија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупреди дека Западот не треба да упатува кон Сирија „закани и ултиматуми“ во момент кога Советот за безбедност подготвува декларација за сирискиот конфликт.

Русија би можела да одобри документ на Советот за безбедност на ОН во врска со Сирија ако тоа помогне за спроведување на планот на Кофи Анан, изјави Лавров во Бишкек.

Сириската влада ги зема предвид тие предлози и почна да ги спроведува, а сега е важно да не биде прекинат тој процес со ултиматуми и закани, додаде рускиот министер.

Советот за безбедност на ОН разгледува нацрт-декларација за Сирија во која Дамаск се повикува да го почитува рокот - 10. април за прекин на воените операции, а опозицијата да го направи истото до 48 часа подоцна.