1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Археолозите во Истанбул открија византиско пристаниште

Историјата буквално се испречи на патот на проектот за изградба на подводен тунел под Босфорот во Истанбул. Работата е сопрена откако работниците открија остатоци на древно византиско пристаниште.

default

Во близината на Истанбул се пронајдени извонредни археолошки откритија

Археолозите работат деноноќно на ново откриената локација за која се верува дека некогаш била византиско пристаниште. Дрвените контури од пристаништето, каде трговците некогаш ги врзувале своите бродови, веќе се препознатливи. Насекаде наоколу се наоѓаат бројни остатоци од глинени садови кои некогаш се користеле за пренесување на товарот. Сепак, најимпресивното откритие се досега откриените бродови. И тоа 34 на број!

Кустосот на Археолошкиот музеј во Истанбул Зејнеп Кизилтан раководи со проектот и за неа сето ова претставува животно откритие. „Пристаништето е изградено во 4-от век и користено е се’ до 11-от век. Отсекогаш знаевме дека постои ова пристаниште, но не знаевме каде се наоѓа. Ова откритие ги надмина нашите очекувања. Пристаништето е толку добро сочувано што ни дава потполно нова слика не само за тоа како живееле луѓето во тоа време, туку и со што се хранеле и како ги закопувале мртвите“.

Проект кој ќе ги спои Европа и Азија

И додека археолозите копаат, покрај нив, паралелно работат и работниците кои се дел од најголемиот инжинерски проект од тој вид во светот- за изградба на железнички тунел под Босфорот. Т.н. Мармарај проект доцни речиси 3 години поради откривањето на пристаништето. Според главниот инжинер Хасан Гокдере, проектот буквално ќе ги спои Европа и Азија, но и ќе го реши долгогодишниот проблем со сообраќајниот метеж во Истанбул. „Ова ги поврзува азискиот и европскиот континент. Кога проектот ќе биде завршен јас повеќе нема да морам да го користам автомобилот. Сега морам да размислам двапати дали да отидам во европскиот дел на Истанбул, но кога ова ќе биде готово, ќе го користам возот и ќе патувам многу полесно“.

Тунел за нови рекорди

Stau, Verkehrsknotenpunkt in Istanbul

Сообраќаен метеж во Истанбул

Тунелот ќе ги урне сите светски рекорди. Ќе биде најдлабокиот од тој вид во светот, кој притоа поминува низ вода во која има две струи, кои се движат во спротивен правец.

Меѓутоа притисокот поради доцнењето со изградбата на тунелот е огромен. Работата создава пречки и на нормалното одвивање на водниот сообраќај низ тунелот, поради што огромните танкери кои ја пренесуваат руската нафта на светските пазари мораат да чекаат. Кизилтан вели дека е многу тешко да се работи кога инжинерите и работниците буквално и „дишат во врат“. „Огромните градежни машини буквално го чекаат моментот кога ние ќе завршиме со ископувањата за веднаш да почнат да работат. Понекогаш доаѓа и до конфликти, но засега нашиот збор е последен. Иако, не сум сигурна уште колку ќе потрае тоа“.

Барем засега, археолозите го имаат главниот збор, а минатото на градот има предност пред неговата иднина. И археолозите и инжинерите се навикнаа да прават компромиси за да ги остварат своите цели. Наградата за нивните напори е извонредното археолошко откритие, кое ќе биде на располагање за сите идни генерациии.

Автор: Дориан Џонс / Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска