1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

АРМ ја продолжува истрагата за несреќата

АРМ нема да излегува во јавноста со никакви информации за хиликоптерската несреќа се додека надлежните органи не ги соопштат наодите од истрагата наведува во интервју за Дојче Веле полковник Круме Велков.

default

Хиликоптерската несреќа крај Скопје

ДВ: Господине Велков, какви се првичните информации на Генералштабот на армијата за причините за несреќата во која загинаа единаесете припадници на армијата на Република Македонија? Во јавноста веќе се појавија информации дека е можно, причина за трагедијата да е техничка грешка на хиликоптерот, па дури дел од соседите велат дека е и саботажа.

Полковник Велков: „Истрагата за падот на хиликоптерот Ми-17 на армијата на Република Македонија сеуште се спроведува од страна на истражниот тим и експертска комисија, која е формирана со наредба на началникот на Генералштабот на армијата. Тие сеуште се во фаза на собирање на доказите физички и материјални, а откога ќе се соберат сите докази тогаш преостанува истите да се анализираат и да се дојде до евентуални заклучоци, што беше причината за трагичниот пад на воениот хиликоптер.

Дали можете барем да елиминирате некој од претпоставките?

До завршувањето на истражната постапка, нема да излегуваме со информации за причините. Тоа е обврска на истражниот тим.

Дали во изминатиов период беа забележани и отстранети, ако биле забележани некои посериозни дефекти, што можеле да ја загрозат безбедноста на леталото?

Како и во секое воздухопловство, а особено во воените воздухопловства максимално одговорно и професионално се спроведуваат техничките одредби за употреба и одржување на воздухопловите, на армијата посебно. Тие се подвргнуваат на редовни прегледи, значи согласно времето поминато на употреба и по потреба и во досегашната употреба не сме наишле на пример, дека има некакво посериозно оштетување кое може да влијае на безбедноста на летот. Така да можам да кажам слободно дека не сме имале такви проблеми.

Дали имаше редовно сервисирање и доволно резервни делови за нив?

Сервисирањето е спроведено редовно и сите тие постапки се согласно прописите. Така да не сме отстапувале од прописите особено, заради тоа што се работи за скапа техника и за човечки животи.

Каква е генералната состојба на опремата со која располага армијата на Република Македонија? Колку е таа застарена и колкава е нејзината компатибилност со опремата и уредијата на другите членки на НАТО?

Армијата располага со опрема која можам да речам е во одреден случај застарена. Она потекнува повеќето од студената војна. Меѓутоа дел од опремата е модернизирана и во потполност одговара на современите стандарди за потребите за извршување на мисии заедно со земјите членки на НАТО. Еве конкретно кога зборуваме за хиликоптерите тие се модернизирани и одговараат на современите услови кои им овозможуваат 24 часовна употреба. Значи, ноќе и во услови на ограничена видливост. Дел од опремата секако претстои да се доопреми, да се домодернизира за да може да одговара на современите побарувања.

Можете ли апроксимативно да наведете колку средства се потребни за модернизација на армијата на Република Македонија и во кој правец таа треба да оди, ако се има во предвид се поголемото учество на армијата во мисии во странство?

Потребни се значителни средства за опремување и модернизација како би можеле да одговориме на современите стандарди за извршување на мисиите кои се поставуваат пред армијата и за заштита на припадниците на армијата кои ги извршуваат тие мисии. За оваа намена годишно од буџетот се одвојуваат за околу 20 проценти кои се наменети за опремување и модернизација и тоа се значителни средства. За долгорочен период од десетина години се работи за сума од околу 300 милиони евра, а дека се работи за еден проект кој е доста побарлив, како да кажам само за пример дека за опремување со современи оклопни транспортери за еден батаљон сумата би изнесувала некаде приближно од 60 до 70 милиони евра во зависност од типот со кој ќе се опреми. Така да можам да кажам дека побарувањата се големи, можностите се тие што ги има државата. Буџетот ни овозможува рековме долгорочен период околу 300 милиони евра и мислиме дека со тие средства ќе ги опремиме пред се’ декларираните единици, а секако нема да ги запоставиме ни останатите.

Дали тоа подразбира дека меѓу нив ќе се најдат и летала?

Во секој случај, во планот се предвидени доопремување со дел од летала за потребата за военото воздухопловство на армијата на Република Македонија и тоа е предвидено со долгорочниот план.

Дали оваат трагедија може да има некаков негативен одраз врз мисиите на армијата низ светот, а тука пред се мислам на интересот на припадниците на АРМ да се јавуваат доброволно за учество во мисиите?

Болката и тагата поради оваа трагична погибија на персоналот, секако дека привремено ќе има влијание на чувствата на старешините и на војниците. Меѓутоа ние како припадници на армијата и понатаму ќе продолжиме одговорно и професионално да ги извршуваме должностите кои се поставуваат пред нас. Таква е всушност и војничката должност. Продолжуваме понатаму.

Македонија има мала армија која речиси целиот свој ангажман го насочува кон учество во мисиите на Обединетите Нации или НАТО од каде секојдневно пристигнуваат само пофалби за професионализмот и квалитетот на припадниците на армијата. Без разлика дали се во Ирак, Авганистан, Босна и Херцеговина или Либан. Кој е максимумот што армијата може да го понуди во мисиите како бројност и квалитет, особено што тоа е врзано со големи финансиски издатоци, опременост и обученост на мисионерите?

Се гордееме со припадниците на армијата на Република Македонија и имаме кадар кој според способноста, доследноста и резултатите стои рамо до рамо со претставниците на армиите на земјите членки на НАТО. Тие се воедно нашето најголемо богатство и тие се достојни амбасадори не само на армијата туку и на Република Македонија. Во овој момент во операции надвор од територијата на Република Македонија се вклучени 236 припадници на армијата, а плановите предвидуваат постапно да го зголемуваме нашето партиципирање до рамниште на батаљон. Тоа е еденица од околу шестотини припадници во една ротација, до почетокот на 2010 година. Ова ќе се зголеми на ниво на батаљонска борбена група од околу 1000 лица персонал до крајот на 2013 година.Така велат плановите, така и ќе работиме.