1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

АРМ го слави 20. роденден

Армијата на Република Македонија беше формирана во 1992 година, по повлекувањето на ЈНА од земјата. Настанот се одбележува со свеченост во Скопје

default

Армијата на Република Македонија денеска го слави својот јубилеј - 20 години од постоењето. Централната свеченост по поводот Денот на АРМ „18 Август“, која од осамостојувањето на државата го брани и чува суверенитетот и територијалниот интегритет, ќе се одржи во касарната „Илинден“ во Скопје.

На парадата ќе учествуваат ешалони од сите единици на АРМ, борбените средства, техниката и воздухопловите кои се во формацискиот состав на АРМ, како и ешалон од Вооружените сили на САД.

Најавено е присуство на претседателот и врховен командант Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, министри, пратеници, поранешни министри за одбрана и началници на ГШ на АРМ, активни и пензионирани генерали на АРМ, амбасадори и воени аташеа.

Свеченоста ќе биде од отворен карактер, заради што влезот во касарната ,,Илинден“ ќе биде слободен за сите граѓани кои сакаат да ја проследат парадата и да го прослават јубилејот и Денот на Армијата, заедно со припадниците на АРМ.

Развојниот пат, обуката и едукацијата на припадниците на АРМ засилено почна со оружјето и опремата на Територијалната одбрана, откако во март 1992 година поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) од тогашната трета армиска област при повлекувањето од државава однесе „се’“, целото оружје и муниција.

На 23 декември 1993 година Собранието ја верификува одлуката за полноправно членство во НАТО, како стратешка цел. Во ноември 1995 година Македонија стана 27-та членка на иницијативата „Партнертство за мир“, а во март следната година беше примена и во Северноатлантскиот совет за соработка. АРМ во 2002 година го почна реформскиот процес, што треба да резултира со заслужената покана за членство во НАТО, која се одложува поради блокадите од Грција.

Степенот на борбената подготвеност на припадниците на македонската Армија, практично се покажува и преку ангажирањето на одделни состави на АРМ во меѓународните мисии во Авганистан, Ирак, БиХ, како и со партиципацијата во мултинационалата мировна бригада СИБРИГ.