Армстронг во 1999-та година победил на Тур д’Франс со помош на допинг? | Теми | DW | 23.08.2005
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Армстронг во 1999-та година победил на Тур д’Франс со помош на допинг?

Тешки обвиненија на сметка на седумкратниот победник на Тур д’Франс, Американецот Ленс Армстронг: според пишувањето на францускиот спортски весник „Л’Екип“, резултатите од антидопинт-тестовите во една лабораторија укажуваат на тоа дека неговата прва победа во 1999-та година можеби била остварена со користење допинг. Тој решително ги отфрли обвинувањата.

Армстронг постојано оспоруваше дека користи допинг. Лажеше ли? Големиот француски спортски весник „Л’Екип’ денеска објавува дека националната анти-допинг лабораторија во Шатнај-Малабри пронашла трагови од забранетото допинг-средство ЕПО во урината на Армстронг земена во 1999-та година. Дури шест проби на Армстронг биле позитивни. Во тоа време можностите за докажување на ЕПО не беа толку усовршени, колку денес.

ЕПО придонесува за побрз транспорт на кислород во крвта, што ги крева способностите на возачот, но злоупотребата на тоа допинг-средство може да води и во смрт: доаѓа до згустување на крвта, а со тоа и до зголемена опасност од тромбози, колапс и инфаркт.

Во 1999-та година Армстронг за прв пат возеше на Тур д’Франс по лекувањето од рак – и победи. Во изминатиот период тој постојано тврдеше дека никогаш немал работа со ЕПО. Минатата година беше објавена книга од неговата некогашна масерка, која тврди – навистина без да може да приложи цврсти докази – дека како курир го снабдувала Армстронг со ЕПО. Тој посегна по правни средства против објавувањето такви обвиненија и по којзнае кој пат отфрли дека користи ЕПО.

Според пишувањето на „Л’Екип“, Армстронг можеби три пати земал допинг во 1999-та: пред стартот и два пати пред тешките ридски етапи во Алпите и Пиринеите.

Во првата реакција на својата интернет-страница велосипедистот од Тексас ги отфрла обвинувањата и му префрлува на весникот дека практикува чист „скандал-журнализам“.

Раководителот на германската Национална анти-допинг агенција Роланд Аугустин е воздржан во првата реакција на веста од Париз.

„Во прв момент кога ја слушнав веста тоа беше огромен шок. На крајот од 90-тите години имаше гласини дека токму во велосипедскиот спорт многу се работи со ЕПО. Постапките за докажување на ЕПО во урината се развиени дури подоцна и за прв пат се вистински применети на олимпијадата во Сiднеј. Прашањето што се поставува за мене е колку се применливи тие замрзнати и сега одново одмрзнувани проби...Во моментов ние немаме никакви поблсики информации отколку вестите на агенциите, но ќе се обидеме колку што е можно побргу да добиеме информации со податоци врз кои можеме да се потпреме“ – вели Аугустин.