1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Армија поблиска до семејството

Само неколку недели по преземањето на должноста, првата жена министер за одбрана во историјата на Германија одлучи да се ангажира во голем проект- да создаде посемејно ориентирана армија.

„Сакаме да бидеме атрактивен вработувач“, порача преку државната телевизија АРД, министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен. Неполн месец по преземањето на функцијата, таа веќе се обидува да стави свој печат: Бундесверот- германската армија треба да стане повеќе семејно ориентирана. Првата мерка е донесена: флексибилни градинки во воените бази и повеќе семејно ориентирани мисии.

Во иднина, на војниците на Бундесверот ќе им биде дозволено да работат повремено за време на т.н. семејна фаза, а прекомандите ќе се спроведуваат само кога ќе биде апсолутно неопходно.

„На војниците на Бундесверот им е потребна фаза за регенерација, ним им е потребна рамнотежа меѓу работата и семејството и тоа е област во која нештата можат многу да се подобрат“, вели Фон дер Лајен.

Опаднат морал

Мерките имаат за цел да се поправи и моралот во армијата, кој е опаднат по реформите во 2010. година. И самиот тон на Фон дер Лајен е далеку поинаков од оној на нејзиниот преходник Томас де Мезие, кој се врати на функцијата министер за внатрешни работи, но не покажуваше големи симпатии за фрустрациите на војниците.

„Целта на реформите не е, и никогаш не може да биде да се зголеми задоволството меѓу војниците и вработените“, изјави Де Мезие на церемонијата на простувањето од функцијата.

Zapfenstreich Thomas de Maiziere Ursula von der Leyen

Фон дер Лајен и нејзиниот претходник Томас де Мезие

Реформите веќе драматично го изменија изгледот на Бундесверот. Задолжителната воена обврска беше укината во 2011. година. Армијата беше намалена од 275 илјади на околу 175 илјади професионалци, и на околу 8 илјади доброволци. Дополнително, уште 32 воени бази ќе бидат затворени до 2017 година, а ќе биде намален обемот на уште 90 бази, со што драстично ќе се намали и бројот на цивилните вработени.

Многу од вработените изразуваа незадоволство со реформите. Парламентарниот комесар за воените сили Хелмут Кенигсхаус доби 5,061 поплака, убедливо највисок број во однос на бројот на армиските сили откако се води таа статистика од 1959 година.

Бертолд Мејер, професор за мировни истражувања на Универзитетот Марбург не е изненаден што Фон дер Лајен, како поранешен министер за социјала, планира да им помогне на војниците да го урамнотежат семејниот со професионалниот живот. „Според мене, не постои работа во која е потешко да се избалансираат семејниот и професионалниот живот од војничкиот. Тие секогаш се наоѓаат во ситуации кои се проблематични за семејството од секој аспект“, вели Мејер.

Остра конкуренција

Тоа е особено проблематично доколку се има предвид дека Бундесверот треба да се натпреварува со други работодавци. „Компаниите очајнички бараат млади кадри. Но тие можат да понудат повеќе пари, подобри бенефиции, и не бараат од луѓето да ги ризикуваат своите животи“, вели Мејер.

Bundeswehr soll familienfreundlicher werden

Урсула фон дер Лајен

Постојат и други пречки за планот на Фон дер Лајен. „Имплементацијата на овие мерки ќе чини многу, а во буџетот на одбраната досега не се одобрени дополнителни средства“, вели Тобиас Линднер од Партијата на Зелените. Само новите градинки за деца ќе чинат околу 10 милиони евра, а ќе биде потребен и дополнителен персонал, смета Линднер.

Од министерството за одбрана одговараат дека мерките на Фон дер Лајен ќе бидат финансирани од актуелниот буџет.

И покрај неодговорените прашања околу финансирањето, од синдикатот на одбраната ја повикуваат министерката да ги спроведе замислените реформи. „Вработените во Бундесверот се надеваат дека иницијативата која беше прифатена и во коалициските преговори ќе биде заокружена. Во спротивно, реформите и планот за формирање на армија на доброволци ќе бидат неуспешни“, вели Андре Вистнер, од армискиот синдикат.