1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Армијата се повлече од главниот град на Тунис

Протестите, кои ескалираат, ја поткопуваат власта на претседателот Зине ел Абидин Бен Али, но дали неговото владеење е навистина сериозно загрозено?

default

По насилните протести во главниот град на Тунис, армијата денеска се повлече од градот. На нејзино место се стационирани специјални единици на полицијата, јавува агенцијата АФП. Само на едно место во центарот на градот можеле да се видат воени возила со вооружени војници.

Поради масовните социјални немири, владата на Тунис синоќа воведе ноќен полициски час за главниот град и неколку негови предградија. И покрај ваквата мерка во предградијата дојде до насилни судири меѓу младите демонстранти и полицијата. Бројот на жртвите во меѓувреме се зголемува. Очевидци на вчерашните немири велат дека животот го загубиле најмалку шест лица. Според една организација за заштита на човековите права, од почетокот на немирите животот го загубиле 66 лица.

Демонстрантите бараат заминување на Бен Али

Демонстрантите бараат од претседателот на државата Зине ел Абидин Бен Али да замине од функцијата. Тој во земјата владее 23 години, со железна тупаница и консеквентно ги задушува опозициските сили. Притоа тој може да смета на премолчена поддршка од страна на западните земји, кои во Бен Али гледаат секуларен партнер од доверба. Бен Али вчера го смени министерот за внатрешни работи и најави дека ќе бидат ослободени затворените демонстранти.

Tunesien Präsident Zine El Abidine Ben Ali

Тунискиот претседател Зине ел Абидин Бен Али владее веќе 23 години

Протестите, кои почнаа кон средината на декември и на кои учествуваат претежно млади луѓе, се насочени против невработеноста во земјата, корупцијата и неправедното распоредување на богатството. Она што почна како социјален протест, се` повеќе се развива во масовно движење насочено против режимот. Состојбата се заострува од ден на ден.

Политичките набљудувачи во Тунис не се на мислење дека безредијата во земјата во овој момент би можеле да го загрозат авторитарниот владеачки систем. Харди Остри, експерт за земјите на МАГРЕБ во фондацијата „Конрад Аденауер“ оценува:

„Мислам дека би било претерано уште сега да се најавува крај на владеењето на Бен Али. Тоа не го гледам, пред се‘ не ако се направи споредба со слични настани што ги преживеале Тунис или во други земји на регионот.“

Опозицијата нема сила за промени

И тунискиот експерт Слим Букдир не гледа политичка сила која би можела сериозно да му се спротивстави на авторитарниот претседател:

„Не мислам дека актуелната ситуација во Тунис ќе предизвика промена на владејачките односи, зашто протестите на улиците на Тунис не се раководени од единствена опозиција, како што беше случај во повеќето земји на Источна Европа. Во Тунис, во моментов, имаме работа со три актери - владата, народот и цивилното општество. Опозициските сили живеат половина во странство, а другата половина нема влијание вредно за споменување. На тој начин владата го диктира тонот.“

Според експертите, опозицијата не само што нема неопходно влијание во земјата, туку е и сосема разединета и изолирана, поради што нема можност да изврши вистинско влијание врз протестите.

Автор: Лој Мадхун/Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM