1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Арифи: Пристапниот дијалог е чекор напред, но не и замена за преговорите

Македонската вицепремиерка задолжена за европски прашања, Теута Арифи смета дека пристапниот дијалог на високо ниво што ќе го започнат Македонија и ЕУ не е замена за преговорите, но е чекор понапред кон Унијата.

default

Заменик- претседателката на македонската влада, Теута Арифи

Вицепремиерката задолжена за евроинтеграции Теута Арифи денеска (27.01.2012) на прес-конференција соопшти повеќе детали за нејзините бројни активности во изминатите денови и за последните информации кои се однесуваат на секторот кој го покрива- евроинтеграциите. Арифи се осврна на најавата на еврокомеасорт за проширување Штефан Филе дека Македонија и ЕУ напролет ќе започнат пристапен дијалог на високо ниво.

„Јас мислам дека процесот не е замена за преговорите, но е голема можност ние да продолжиме со процесот на реформите, да се даде динамика на
реформите, особено во поглавјата 23 и 24 кои мислам дека се битни и за нас и
за ЕУ. Сметам дека ова е добра можност за нас, можеби не сите го споделуваат
мојот ентузијазам, но мислам дека ова е чекор напред и како таков треба да
го гледаме“ изјави Арифи.

Според неа, овој дијалог на високо ниво што ќе го води премиерот Никола Груевски е добра можност која треба да се искористи бидејќи ќе и овозможи на земјата да оди чекор понапред, но истовремено ќе остави простор за да може да се одвива другиот процес за решавање на прашањето за името.

Mazedonische VIze-Ministerpräsidentin Teuta Arifi mit dem griechischen Kollegen Theodors Pangalos

Македонската вицепремиерка неделава имаше средба со својот грчки колега Теодорос Пангалос

„Евентуална посета на Нимиц е позитивен сигнал“

Во врска со целта на завчерашната посета на Атина и средбата со грчкиот вицепремиер Теодорос Пангалос, Арифи истакна дека намерата и била да го отвори и олесни процесот на евроинтеграција на Македонија. Таа очекува оваа средба да биде почеток на нови средби меѓу Атина и Скопје.


Во однос на писмото од премиерот Никола Груевски упатено до грчкиот премиер Лукас Пападимос, Арифи посочи дека таа го предала во добра волја, а за успех на процесот оценува дека тој треба да се води подискретно. „Мислам дека реакциите ќе дојдат потоа. Јас само го предадов писмото, а тој го прими. Тоа е работа на двајца вицепремиери, а во однос на сериозноста на целиот процес мислам дека е добро тој да се држи подискретно отколку да е тема на дискусија во медиумите“, рече вицепремиерката.


Запрашана дали има сознанија за скора посета на медијаторот Метју Нимиц на Македонија и на Грција, Арифи рече дека тоа би бил позитивен сигнал. „Ние како Република Македонија сме отворени да го прифатиме. Се надевам дека ќе има позитивна атмосфера во двата града. Тоа би бил позитивен сигнал за процесот“, оцени вицепремиерката за европски пршања Теута Арифи.

Автор: СН/ АТ/ миа/ макфакс

Редактор: Александра Трајковска