1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ариел Шарон - тврдокорен и реалист

Како генерал, и подоцна како политичар, конзервативецот Ариел Шарон со децении и’ даваше белег на израeлската историја. По осум години во кома тој почина на 85 години.

Ариел Шарон, или накратко Арик, честопати беше опишуван како јастреб, јунак или тврдокорец, по насловот на неговата автобиографија на англиски јазик „Warrior“ („Воин“). Во зависност од персpeктивата, реакциите за неговата личност се поделени - едни му одаваат признание и му се воодушевуваат, други го отфрлаат и се полни со омраза. За многу Израелци тој беше „Јунакот на Јом-Кипур војната“. За многу Палестинци тој, заедно со еден либански водач на милициите, беше „Касапот од Сабра и Шатила“.

Шарон е роден во 1928 како Ариел Шајнерман во близина на Тел Авив. Неговите родители беа источноевропски Евреи, кои го променија презимето според долината Шарон. Животот на Шарон е тесно поврзан со историјата на државата Израел. За време на војната за незавиност во 1948 година, како водник на една пешадиска бригада, тој се борше против арaпските трупи. Во 1953 година формираше специјална единица за одмазднички напади по нападите на палестинските борци. Во војната Јом-Кипур во 1973 година неговото вратоломно и очигледно самоволно преминување на Суецкиот канал со една оклопна единица помогна да се постигне победа над Египет.

Од офицер до политичар

Israel Ariel Sharon Archivbild 1982

Архивска фотографија од 1982 година

Како и многу израелски политичари и Шарон го искористи своето минато во војската како отскочна штица за политичка кариера. Како политичар на конзервативната Ликуд партија влезе во парламентот и беше министер за земјоделство. Освен тоа раководеше и со ресорот одбрана.

Во тој период се совпадна навлегувањето во Либан. Цел на походот беше да се протера Палестинската ослободителна организација (ПЛО) од кај северниот сосед. Христијански милиции, кои беа поврзани со Израел, по повлекувањето на ПЛО го нападнаа бегалскиот камп во Сабра и Шатила во Бејрут. Милиционерите таму убија стотоци Палестинци. Масакрот што се случи во област контролирана од Израел, предизвика силен меѓународен протест.

Истрага без последици

Israel Ariel Sharon und Shimon Peres Archivbild 1975

Архивска фотографија од Шимон Перез и Ариел Шарон

Една израелска истражна комисија дојде до заклучок дека Шарон бил соодговорен за крвопролевањето. Во 1983 година тој поднесе оставка како министер за одбрана, но остана во кабинетот како министер без ресор. Во Белгија беше покрената истражна постапка против Шарон поради насилните дела, но истата не се проследи. Белгискиот правен систем во тој период даваше можност за постапка според т.н. принцип за светско право.

Долгорочно ова не ѝ штетеше на неговата кариера. Шарон во наредните години меѓу другото ги презема министерствата за надворешни работи, за трговија и за градежништво. Во 2001 година тој беше избран за премиер. По една внатре-партиска борба за превласт, тој на крајот на 2005 година најави оставка како премиер и истапи од Ликуд блокот за да ја формира новата Кадима партија.

Независна палестинска држава најпрво одбиена

Ariel Scharon 2001

Ариел Шарон почина на 85 години

Во однос на Палестинците Шарон се профилираше долго како безкомпромосен тврдокорец. Безбедноста на Израел за него беше постојано главна задача. Тој критички гледаше на можноста за самостојна палестинска држава. Затоа беше дистанциран во однос на разговорите за автономија со Палестинците. По редица палестински самоубиствени напади врз Израел, Шарон му ја префрли одговорноста за насилството на претседателот на Палестинците Јасер Арафат. И покрај меѓународната критика тој наложи Арафат да биде во домашен притвор во неговото седиште во Рамала.

Шарон не се плашеше од провокации. Тој се всели во стан среде арапскиот дел на стaриот град во Ерусалим. Во септември 2000 година со демонстративната посета на Ридот на храмовите во Ерусалим, каде се наоѓа едно од најголемите исламски светилишта, предизвика нови немири. Уличните борби прераснаа во втора интифада. Овој бунт на Палестинците траеше четири и пол години.

Еврејски населби остранети од Појасот Газа

Шарон подоцна отстапи од неговиот непопсутлив став. Токму еден долгогодишен „јастреб“ како Шарон ја повлече изралеската војска од Појасот Газа и ги расчити тамошните еврејски населби. Во неговата биографија тој нагласи дека Евреите и Арапите би можеле да живеат заедно. Според поценките на поранешниот израелски амбасадор во Германија, Ави Примор, тогашниот премиер сепак останал верен на неговите темелни убедувања. „Ариел Шарон не ги промени ниту својата идеологија, ниту својата политика и уште помалку своите инстинкти“, напиша Примор за списанието „Цицеро“. Шарон многу повеќе се прифати како реалист кој ги гледа променливите околности.

На 4 јануари 2006 година премиерот доби тежок мозочен удар. Оттогаш тој беше во кома. Денеска (11.01. 2014) Ариел Шарон почина на 85 години.

DW.COM