1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Арбитражата ги „релаксираше“ Хрватска и Словенија

Иако членовите на меѓународната комисија за хрватско-словенечкиот спор околу Пиранскиот залив не започнале со работа, самото именување донесе релаксирање на меѓусебните односи.

default

Речиси дводецениското жестоко спорење меѓу Хрватска и Словенија околу разграничувањето во Пиранскиот залив, како да мина за еден миг кога кон средината на јануари годинава беше постигнат договор за избор на судиите при Меѓународниот суд на ОН, кој ќе треба да ја донесе конечната одлука за тоа прашање. И повеќе, речиси никој во тие две земји не расправа за секакви финеси од Меѓународното морско право, за неформалните историски референци, ниту за основните начела на правото, како што досега беше вообичаено, речиси на дневна основа.

Отсега се’ е во рацете на Гилберт Гијом од Франција, претседателот на новоформираниот арбитражен суд, и на неговите колеги Алан Вон Лов од Велика Британија и Бруно Сима од Германија, како и Јернеј Секолец од Словенија и Будимир Вукас од Хрватска. Петчлениот суд ќе започне со работа напролет, а се очекува да заврши пред истекот на следната, 2013 година.

Се чини дека самиот факт оти патот до крајното решение сега е персонализиран, донесе очигледна опуштеност во словенечката и хрватската јавност, барем што се однесува до Пиранскиот залив.

Долга историја на спорот

Damir Grubisa

Дамир Грубиша

Исцрпувачката меѓудржавна кавга започна во раните 90. години на минатиот век, откако Словенија во Меморандумот за Пиранскиот залив претендираше на поголемиот дел од ова гранично подрачје. Морската линија на раздвојување во рамките на СФРЈ никогаш не била воспоставена. Во следните години Словенија едноставно претендираше да запише онолкав дел од Пиранскиот залив, колку што би и‘ биле доволни да си отвори излез до меѓународни води.

Хрватска на таквите обиди реагираше со нагласена доза на нервоза, па Пиранскиот залив се етаблираше во своевидно жариште за одмерување на националистичкиот набој на обете страни. Пред десетина години, за момент се чинеше дека владите на Ивица Рачан и Јанез Дрновшек ќе се договорат, откако Загреб попушти и беше расположен да и’ отстапи на Љубљана коридор до отворено море. Но, внатрешно-политичките состојби во двете земји набрзо се сменија и работите се вратија на старата точка.

Ново евроискуство

Денешниот однос е плод на обострано зрелиот третман на проблемот. Словенија долго не беше заинтересирана за арбитража, служејќи се притоа со блокада на хрватското приближување кон ЕУ, се’ до позитивниот исход на референдумот за арбитража пред една и пол година, со што беше означен почетокот на расплетот.

„Арбитражата, како договорно прифатен начин за решавање на спорот, е важна како сведоштво за желбата по мирен пат да се дојде до конечен договор“, вели за ДВ, политикологот Дамир Грубиша.

Тој наведува дека во рамки на ЕУ постојат 27 слични меѓудржавни спорови, случајно токму колку што има и полноправни членки. На пример, меѓу Италија и Ватикан околу копнените граници, меѓу Германија и Австрија околу Боденското езеро, итн. Но сите тие се ставен ад акта, по препорака на Унијата, особено откако границите на ЕУ го загубија значењето.

Referendum in Slowenien Bucht Piran

Пиранскиот залив

Никој не сака да прогнозира

Прогноза за исходот на арбитражата, сепак, не сакаше да изнесе ни Грубиша, ниту другите правни експерти кои ги консултираше ДВ во Хрватска. Судејќи по тие реакции, содржината на арбитражата се смета за помалку важна од самото постигнување на нејзината правна форма, особено имајќи предвид дека се работи за минорен дел од хрватското приморје, иако со „дополнителна вредност“ во политичка смисла.

На евентуалниот исход на пресудата наведуваат единствено досегашните „упоришта“ на двете земји. Имено, Хрватска инсистираше на меѓународното право, што со оглед на географската состојба и‘ остава поголем простор за успех, додека Словенија беше повеќе насочена кон историските околности, како и на принципот на праведност пред правото.

Конечно, во пракса, добиениот коридор на Словенија нема да и‘ донесе битно поголеми права на море од оние со кои сега располага, било да се работи за рибарството или за слободната пловидба. Тоа своевремено го подвлече и словенечкиот неделник Младина, цитирајќи стара изјава на Јанез Дрновшек, кој од сите можни аспекти на претпоставената полза ги нагласи симболичкиот и психолошкиот, и дури на крајот политичкиот.

Автор: Игор Ласиќ / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска