1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Апсурдна, но корисна коалиција?

Ехуд Барак успеа да ја спроведе својата намера: Неговата Работничка партија ќе влезе во коалиција со партијата Ликуд. Но, аргументите на Барак не се доволно убедливи, силите кои се залагаат за мир се ослабени. Коментар.

default

Нетанјаху и Барак си подадоа рака

Израелските социјалдемократи му помагаат на водачот на конзервативната партија Ликуд да дојде на власт. И покрај сите колебања, со тесно мнозинство од 58 проценти, водачот на Работничката партија, Ехуд Барак, успеа да ги наметне своите ставови во редовите на неговата партија. Го спроведе она што го договори со Нетанјаху за време на една долга ноќна сесија. Работничката партија ќе учествува во коалицијата и ќе ја спаси владата од уништувачката осуда ширум светот, дека била „екстремно-десничарска влада“.

Работничката партија, која со децении беше партија на пионерите, на основачите на државата и предводничка на првите израелски влади, на последните избори го освои само четвртото место, односно тринаесет од вкупно 120 мандати во Кнесетот. Може да се очекува дека влегувањето во коалиција со Нетанјаху нема да го сопре пропаѓањето на партијата, туку ќе го забрза. Имено, јавноста е убедена во она што го чувствуваат и самите членови на партијата. Барак и Работничката партија повеќе се грижат за сопствената кожа и сопствената кариера, отколку за моралот.

Дали Работничката партија може да биде противтежа во владата?

Israelische Arbeiterpartei bestätigt Premierminister Netanjahu im Amt

Израелската Работничка партија во владата на Нетанјаху

Се разбира, Барак не е подготвен да го признае ова. Инаку би морал да си противречи самиот себеси, оти на денот на изборите говореше за повлекување во опозиција. Сега на сите страни разгласува: тој не се плаши од Нетанјаху и ќе претставува противтежа во владата, против сите екстремно десни позиции. Како коалиционен партнер би можело да се постигне многу повеќе, отколку како тринаесетчлена опозициска партија.

Можеби е така. Само - што сака и што може да постигне Барак во една таква влада, чиј премиер во изборната кампања се откажа од обновување на мировниот процес со Палестинците? Згора на тоа, како министер за надворешни работи треба да дејствува човек (Авигдор Либерман), кој веќе се закануваше дека ќе ја бомбардира Асуанската брана во Египет, кој израелските Арапи ги третира како потенцијални непријатели во сопствената земја и кој порадо порано отколку предоцна би го нападнал и Иран. Во коалицијата се застапени и ортодоксните еврејски партии, кои во прв ред се залагаат за подобро економско и општественото позиционирање на религиозните лица во Израел.

Лоша услуга за надежта за мир

Проблемите и конфликтите се однапред програмирани, внатре во земјата, но и во странство. Од ЕУ веќе можеше да се чуе дека не би можело да се соработува со екстремна десничарска влада во Ерусалим, како во минатото. Во Вашингтон со сигурност постои вознемиреност, во арапскиот свет ваквиот развој ја зајакнува позицијата на тврдокорните, кои „отсекогаш велеа дека Израел не сака мир“.

Со оглед на оваа констелација, да се зборува за „противтежа во коалицијата“ е замачкување очи. Барак ќе биде принуден да прави компромис по компромис, за другите партнери да не ја напуштат владата и да не дојде до нови избори. Дури и во Израел почнува да се поставува прашањето, дали Барак всушност одамна веќе не е дел од десницата и затоа нема да мора да прави отстапки. Во владата на Нетанјаху тој повеќе ќе има алиби, отколку корективна функција. Со ова и` прави лоша услуга на сопствената партија, но уште повеќе на надежта за мир на Блискиот Исток.


Автор: Петер Филип / Александра Трајковска

Уредник: Костадин Делимитов

DW.COM