1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Апсолутниот слух не е благослов

За лицата кои можат точно да одредат некој тон без какво било помагало велиме дека имаат апсолутен слух. Раширено е мислењето дека тоа подразбира успешна музичка кариера. Во реалноста тоа меѓутоа не е случај.

default

Џефри Винтер како дете умеел да ги отпее мелодиите кои ќе ги чуел. Сузане Патиц во училиште сватила дека без проблеми може да ги препознае тоновите. Денес двајцата се професионални музичари во бонскиот „Бетовен оркестар“ и својата дарба ја доживуваат истовремено како предност и оптоварување. Винтер свири хорна:

„Кога ќе ги притиснете вентилите, звукот кој излегува понекогаш е прашање на среќа. Ако имате апсолутен слух, можете да го намалите проблемот. Ние денеска имаме претстави во која вториот чин почнува со соло хорна. Тонот Ф морам да го погодам од никаде. Но јас го имам во уво уште пред да го отсвирам“

Сузане Патиц има поинакво мислење:

„ Кај свирењето виола апсолутниот слух го доживувам како пречка зашто сум нефлексибилна. Морав да учам како да бидам пофлексибилна“.

Посебно е тешко со гудачките инструменти

Апсолутниот слух не е божји дар кој од музичките таленти прави музички генији. Се разбира дека таа дарба го поедноставува чистото свирење, познавање препознавање на композиторите, памтењето, пеењето и свирењето од ноти. Меѓутоа, апсолутните слухисти се многу чувствителни на нечистиот колеблив тон. Џефри вели:

„ Постојат групи кои имаат тенденција да свират малку повисоко или малку пониско. Кога свирам со нив можам да чујам дали морам да свирам или малку пониско или малку повисоко. Но кога групите ќе се измешаат, понекогаш знам дека нема да биде добро. Тогаш почнувам да свирам со највисоките тонови зашто тоа тоа „најмалку боли“ . Но понекогаш е навистина болно да се слуша“.

Ohr einer Frau

На музичарите кои свират гудачки инструметни им е посебно тешко. Во случај, виолата, виолината или виолончелото да се поинаку наштимани од вообичаеното, доаѓа до иритирачко несовпаѓање меѓу вообичаениот тон „во увото“ и тонот кој го произведува инструментот.

„ Сфатив дека воопшто не можам да свирам барокна музика. Имав покана да свирам во црква и дојде пробата, и оргулата засвире „А“ и беше сосема јасно дека немам никаква шанса. Јас ја наштимав виолата пониско, но во моментот кога почнав да свирам автоматски со прстот го изедначив тонот. Значи свирев половина тон повисоко иако инструментот го наштимав на половина тон пониско“

Кој тон го произведува градежната машина?

Како апсолутните слухисти се носат со звуковите во секојдневниот живот?

„Од градилиштата честопати се слуша гласна врева. Понекогаш можам да одредем кој тон го произведува пискотот на машините“, вели Винтер.

„Штом ќе чујам музика во некоја продавница, веднаш го погаѓам тонот. Не можам да одолеам, иако понекогаш не сакам да го правам тоа“, вели Патиц.

Понекогаш се случуваат и немили сцени, вели Винтер:

„ Во една пригода слушнав обработка на концерт за пиано на Чајковски. Тоналитетот беше погрешен. Тоа толку ми сметаше и повеќе не можев да зборувам и ја напуштив продавницата“

На Сузане и‘ е многу тешко да слуша како свират други:

„Проблем е што мене 90 насто од музиката не ме задоволува и ме боли желудникот, но кога ќе чујам нешто од преостанатите 10 насто, целата се наежувам, времето запира“. Многу интензивно чувство кое за жал многу ретко се случува“

Автор: Корнелија Рабиц/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска