1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Апсењето на Садам му донесе важни поени на Буш

Апсењето на поранешниот ирачки диктатор има веќе големо влијание врз американската внатрешна политика, каде веќе се бројат поените за претседателските избори наредната година. Опозицијата така сега не може повеќе да и' префрла на владата дека не е во состојба ниту да го уапси Садам, а камоли да воведе ред и демократија во Ирак.

Во предизборната кампања што полека се засилува, аргументот со Садам Хусеин го користеа речиси сите претседателски кандидати на опозиционата Демократска партија. За американската опозиција Садам Хусеин кој успешно се криеше од силите на коалицијата беше политички симбол за неуспешната политика на администрацијата на Буш.

Сега, по апсењето оваа изборна тактика не функционира повеќе. Сликите на уапсениот ирачки диктатор му дадоа нов политички полет на актуелниот претседател, а неговите против кандидати сега мораат да го сменат курсот:

"Вие сте неверојатни, луѓе, вие го поистоветувате апсењето на еден единствен човек со осмислена надворешна политика" - аргументира демократот Џон Кери. Тој сега го врти фокусот кон другите теми, кои можат да бидат слаба точка на актуелниот претседател во изборната битка, како на пример слабата стопанска конјунктура. Политиката на актуелната администрација придонела за покачување на курсевите на берзите, но не донела и нови вработувања.

Ваквата тактика за сега не се покажува како многу ефикасна. Еден ден по пронаоѓањето на Садам Хусеин, анкетите покажуваат голема позитивна промена во јавното мнение по прашањето на ирачката војна. Кери барем беше еден од оние кои гласаа за ирачката војна, но неговиот сопартиец, Хауард Дин, кој исто се вклучи во претесдателската трка, целата кампања ја базираше врз Ирак и анти-воениот став. Затоа сега не му останува ништо друго, освен да му честита на Буш на успехот:

"Ова се надеваме ќе го измени текот на окупацијата на Ирак, но оние на кои сега најмногу треба да им честитаме се американските војници."

Слично се изјасни и Весли Кларк, кој поради војничкото минато барем не се наоѓа во опасност да биде претставен како предавник на војниците на фронтот. Нему полсено му паѓа да се вклучи во патриотскиот полет што ги зафати американските граѓани, а во истовреме да го критизира и понатаму конкурентот на идните претесдателски избори, Џорџ Буш:

"Сакам оваа земја да биде успешна, но тоа не менува ништо во мојот став дека оваа војна беше излишна" - нагласи поранешниот генерал, Весли Кларк. Демократските против-кандидати можат да аргументираат колку сакаат: претеседателот Буш доби шанса за слободен удар и ја искористи бравурозно. Џорџ Буш веќе со месеци не делувал толку суверено и државнички, како претесдател кој знае да го обедини народот зад себе.