1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Апсења и прогонувања по пучот во Египет

Египетскиот безбедносен апарат започна масовна операција против водечките исламисти и нивните следбеници. Постојат индикации дека Муслиманското братство е искористено како жртвен јарец.

Откако египетската војска го собори претседателот Мохамед Мурси од власт, државните безбедносни сили ги ставија под силен притисок и Муслиманското братство и другите исламисти. Египетските организации за човекови права се обидуваат да ги документираат репресиите. Но, нивната работа стана отежната поради бројните апсења, недостатокот на транспарентност на властите и ситуацијата која брзо се развива.

Карим Абделради, адвокат во Арапската мрежа за информации за човекови права, ги дели приведувањата во две групи – масовни приведувања на поддржувачи на исламистите и приведувања на нивните лидери. Пред една недела безбедносните сили отворија оган на демонстрантите пред објектот на Републиканската гарда, при што беа убиени повеќе од 50 луѓе.

„За време на последните судири пред зградата на Републиканската гарда беа уапсени повеќе од 650 луѓе“, изјави Абделради за Дојче веле. „Овие луѓе не беа членови на раководството на Муслиманското братство. Тие беа приведувани по случаен избор на многу места блиску до зградата“, објаснува Абделради.

Министерството за внатрешни работи под остри критики

Karim Abdelrady

Карим Абделради, адвокат во Арапската мрежа за информации за човекови права

Тој смета дека многу од приведените не се виновни и дека едноставно демонстрирале мирно. Но, тој додава и дека некои од уапсените лица биле вооружени. Податоците на Абделради доаѓаат од Фронтот за одбрана на демонстрантите – мрежа во која припаѓа и неговата организација. Адвокатите на мрежата одат во полициските станици за да го истражат бројот на приведени лица и каде приведувањето се случило. Абделради вели дека официјалните бројки, кои се соопштени од властите, се далеку помали од реалниот број на приведени лица. Кога неговата организација им предочила на властите поголем број на уапсени лица добила потврда дека нејзината статистика е точна.

Ваквите апсења не се невообичаени во Египет. Кога има немири на улиците полицијата едноставно го апси секој кој се наоѓа во непосредна близина на насилството.

Во последните масивни апсења беа приведени и најмалку шест високо позиционирани членови на Муслиманското братство, како и двајца многу добро познати салафисти. Меѓу нив е и Каират ел-Шаитер, главниот стратег на Муслиманското братство, како и Саад Кататни, поранешниот претседател на парламентот.

Пријанка Мотопари од Хјуман рајтс воч во Египет вели дека сега Муслиманското братство нема правни застапници.

Pro-Mursi-Demonstration in Kairo

Режимот апси приврзаници на Мурси

„Кога две високо позиционирани лица во раководството на Муслиманското братство беа уапсени тие го повикаа главниот адвокат на Братството да дојде и да ги застапува. Но, кога тој пристигна и тој беше приведен, бидејќи за него имаше распишана потерница“, објаснува Мотопарти во разговор за Дојче веле.

Според Хјуман рајтс воч, војската исто така држи и 10 членови на поранешниот претседателски кабинет на Мурси без да имаат контакт со надворешниот свет. Во меѓувреме се распишани 10 дополнителни потерници за членови на раководството на Муслиманското братство. Најголем дел од приведените исламисти се обвинети за предизвикување насилство. За некои од нив постојат видео снимки кои го потврдуваат тоа.

Војската тврди и дека во седиштето на Муслиманското братство е пронајдено оружје. Во меѓувреме режимот се’ позасилено почна да пропагира теории на заговор. Како што информираше Асошиејтед прес, покренати се обвиненија против 30 високо позиционирани членови на Братството, кои се обвинети за бегство од затвор со помош на Хамас, кое било направено за време на револуцијата во 2011 година. Безбедносните сили го затворија и седиштето на Партијата за слобода и правда – политичкото крило на Муслиманското братство, а масовно е попречувана и дистрибуцијата на партискиот магазин.