1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Апсења во аферата околу Ватиканската банка

Дубиозните зделки на Ватиканската банка одамна се во фокусот на истрагата. Сега се уапсени тројца осомничени, меѓу кои најмалку еден свештеник. Папата Франциско, пак, неодамна формираше Истражна комисија.

Тројцата осомничени се уапсени од страна на италијанската полиција. Меѓу нив е и угледниот италијански бискуп од Салерно, Нунцио Скарано, потоа еден соработник на тајните служби и еден финансиски експерт. Тие се притворени поради сомнение за корупција и измама, јавуваат италијанските медиуми. Апсењето е поврзано со истрагата што е отворена во Банката на Ватикан. Целата операција и апсењето на угледниот бискуп е изведена само два дена по наредбата на папата Франциско за отворање на внатрешна истрага за состојбите и работењето во Ватиканската банка.

Бискупот Скарано се товари за серија сомнителни трансакции, поврзани со преправани чекови, прикажани како дел од црковната донација што минувале низ Банката на Ватикан.

Италијанската полиција неколку недели го испитувала неговото работење, пред бискупот да биде уапсен.

Rom - Papst Franziskus

Папата Франциско бара расветлување на работите на Ватиканската банка

Официјално позната како Институт за религиозни работи, Ватиканската банка е најтаинствената и најзатворената финансиска инситуција во светот. Таа има само 117 вработени, но располага со имот и финансии во вредност од 7,1 милијарди долари. Традиционално, ватиканската банка одбива соработка со италијанските власти за работи поврзани со финансиски криминал, повикувајќи се на суверенитетот и независноста на државата Ватикан, но папата Франциско им даде одврзани раце на членовите на посебно формираната комисија, на Светата столица, за да го истражи работењето на банката, заобиколувајќи ги нормалните прописи за тајност.

Ватиканската банка со години беше во фокусот на италијанското судство и беше обвинувана за легализирање на парите на мафијата. Во септември 2010 година започна истрага против тогашниот претседател на Банката, Еторе Готи Тадеши и тогашниот генерален директор Паоло Циприани поради прекршување на Законот за перење пари. Во текот на истрагата беше отпуштено раководството на Банката, а милиони евра беа замрзнати. Новиот шеф на Ватиканската банка, Ернст фон Фрајберг, вети дека конечно ќе ја извади институцијата од негативните наслови во медиумите и ќе го надмине гласот кој ја бие - како дубиозен финансиски центар.

Ватикан досега не се огласи по апсењата. Ватикански експерти не ја исклучуваат можноста папата Франциско да ја расформира Банката.