1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Апликацијата на Македонија за членство во ЕУ: формален чин од суштинско значење

-Македонија беше прва од земјите на таканаречениот Западен Балкан која потпиша Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ, уште на 9-ти април 2001-ва година, a кaкo втора официјално поднесе барање за прием во Унијата, откако претходно Хрватска го направи тоа. Патот до членство во клубот на Европејците е долг, а Македонија треба во меѓувреме да изврши многу домашни задачи. За македонските желби и патот до нивно

default

остварување бекграунд-прилог на Зоран Јордановски

Предавањето на барањето за прием, само по себе е формален чин, но во суштина значи подготвеност за отворање процес во кој земјата ќе мора да се трансформира според европски стандарди, да смени многу во својот живот, однесување, навики. Овој пат радоста и првичната еуфорија што владееја пред 26-ти април, денот на кој првобитно требаше да биде предадено барањето, се придушени. Трагичната авионска несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски и уште осуммина од придружбата и екипажот, го одложи свечениот чин во Даблин, но од друга страна барем за некое време ги сплоти граѓаните на земјата. Зборовите што во моментите на тага ги искажаа водечки личности од Унијата, го засилија уверувањето дека целта за членство, колку и да е далечна, е остварлива и оти Македонија на тој пат не е препуштена сама на себе: "Вие можете да бидете сигурни, граѓаните на Македонија можат да будат сигурни дека и натаму ќе ви помагаме, ќе бидеме се вас, ќе ве придружуваме во процесот што заеднички го започнавме. Сега е момент да се демонстрира единство и одговорност за земјата, така што патувањето на кое тргнавте во насока кон Европа ќе стане реалност - колку побргу, толку подобро. Немам никаво сомневање во тоа дека вие ќе ја докажете својата зрелост, длабоката зрелост на вашата земја" - рече претставникот на Унијата за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана за време на посетата на Скопје еден ден по авионската несреќа.
Во Македонија постои општ консензус што се однесува до членство во ЕУ и НАТО - за тоа се и народот, како и сите политички сили. Парламентот на почетокот на февруари усвои декларација со поддршка за владата да поднесе барање за прием во Унијата - вредно е да се одбележи, на предлог на опозиционата ВМРО ДПМНЕ.
На почетокот од годинава Македонија поведе голема дипломатска офанзива во функција на подготовка на терен за кандидатурата: високи по ранг делегации беа во Брисел, Париз, Берлин. Ехото не секогаш беше соодветно на македонските желби: од недвосмислена поддршка во Париз, до воздржаност во Брисел. Дотолку подобредојдени беа зборовите на претседателот на Европската Комисија Романо Проди искажани на погребот на претседателот Трајковски:
"Со нетрпение го очекуваме вашето барање. Веруваме во оваа земја, нејзината волја и решеност за приклучување во сите европски структури...Сигурни сме дека преземените чекори ќе бидат наградени со успех. Сигурни сме во политичката иднина на оваа земја. Нека се оствари сонот на Борис Трајковски за Македонија како рамноправен член на една напредна и мирољубива Европа".
Претседателот, така, и во часот на ненадејната смрт му направи последна услуга на својот народ. Европската перспектива на Македонија, навистина, никој не ја става под прашање, но од повеќе страни беше нагласен непогодниот момент на поднесување барање за прием, зашто Европа уште не ја доврши сегашната рунда на проширување, а потоа ќе и' треба и време да здивне; ова е период на темелни промени во Унијата.
А и самата Македонија ќе мора многу да стори во речиси сите области на општествениот и економскиот живот. На прво местои е натамошното консеквентно реализирање на Охридскиот договор. Сегашната влада стои во целост зад Договорот, а може да се констатира и остварен напредок - значително е подобрена положбата на малцинствата, тие се посилно застапени во државните институции, покрај албанскиот, кој ќе биде втор официјален јазик во околу 25 од идните општини во Македонија, таков статус во одредени општини ќе добијат и турскиот, ромскиот и српскиот јазик. Во позитивата се вбројува и стабилизацијата на безбедносната ситуација и активната улога на Македонија во регионалната соработка.
Но, многу подолг е списокот на проблематичните области: допрва претстојат темелни промени на законите и во правосудството за да се обезбеди независност и ефикасност на судовите. Неодложно се потребни и реформи во полицијата и на други сектори. Слаба точка останува неефикасната борба против организираниот криминал, корупцијата, перењето пари, трговијата со дрога и со бело робје. Македонија, освен тоа, треба да се бори и со големи економским проблеми: стопанството е исцрпено, квотата на невработеност изнесува речиси 37 проценти, просечните примања 175 евра, а 30 насто од населението мора да излезе на крај со помалку од 2 долара дневно. Македонија во овој поглед е уште многу далеку од европските стандарди. Инвестиции од странство и натаму се ретки. Од вкупно 45 милиони евра во минатата година, речиси половината се вложени во медиумската област од страна на германскиот концерн ВАЦ. За тековната година премиерот Бранко Црвенковски најави економска офанзива. Во интервју за Дојче Веле тој рече: "Ние не можеме да се задоволиме со ниски стапки на пораст, зашто тие, реално погледнато, не се доволни за да се оствари едно ново квалитативно ниво во економската област. Нам ни е потребен еден поголем скок напред. За да го оствариме тоа, потребни ни се инвестиции. Домашните ресурси се ограничени, што значи дека сме упатени на странски инвестиции. За да ги добиеме, мораме во директна комуникација да ги претставиме можностите и отвореноста на Македонија за инвестирање. Зашто, во стопанството и трговијата, токму како и во другите области на животот, е многу важно да се воспостави почетната доверба".