1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Апел за мир“ од Сараево

Сараево испрати порака за мир, потреба од толеранција и соживот меѓу сите религии и луѓе. Полемиката меѓу владиката Грегориј и реисот Цериќ не го засени собирот „Дијалог меѓу религиите и културите“.

Откако реисот -улема на Исламската заедница на БиХ Мустафа Цериќ на панел дискусијата „Сараево 20 години од конфликт до средба“ потсети на воените страдања во Сараво и Сребреница и ја повика Европа повеќе никогаш да не биде сведок на геноцид и холокауст, владиката захумско-херцеговачки  Грегорије го обвини дека сака да создаде исламска држава. Владиката на присутните им раскажа, како при престојот во САД го слушнал разговорот меѓу Цериќ и главниот рабин во Њујорк Артур Шнајдер. „Му рековте дека нема еврејство без еврејска држава ниту ислам без исламска држава“, рече Грегоријe.

„Тоа е обвинување кое не држи. Немојте така. Тоа е лага“, одговори Цериќ.

Bosnien-Herzegowina Mostar Weihnachten Messe

Владиката Григорије

Владиката Грегорије  појасни дека не говори доволно англиски, но дека е сигурен дека поглаварот на исламската заедница кај рабинот се залагал за исламска Босна и Херцеговина. „Му ги повторив (на Цериќ) зборовите кои во мое присуство му ги кажа на рабинот Шнајдер за тоа дека сака исламска БиХ, односно исламска Босна, односно дека сака држава во која исламот е над се’“, изјави по расправата владиката Григорије за РТРС.

Во коментарот за Дојче веле Мустафа Цериќ изрази жалење што „владиката Григоријe не го сфатил духот на собирот во Сараево“. „Можеби е и добро што дојде до таква расправа, така што луѓето од овој собир не би заминале со убедување дека овде е се’ во ред и дека не треба заеднички да се работи за унапредување на односите“, вели Цериќ. „Таа провокација имаше цел да го омаловажи собирот и остави дамка, но во тоа не се успеа. Завршната декларација покажа дека таква провокација не можеше да ја намали вредноста на она што го стори заедницата ’Сант’Егидио’“, рече Цериќ.

World Meeting for Peace in Sarajevo

Меѓународна меѓурелигиска конференција во Сараево

И пораките од завршната церемонија недвосмислено укажаа на фактот дека Сараево и БиХ не случајно се одбрани за место за средба со луѓе од сите континенти кои пропагираат мир, заедништво и толеранција. „Сараево 20 години чекаше на овој момент, на овие луѓе од различни вери и нации со пораки за мир, љубов и толеранција. Сараево денес е центар на светот и пораките од Сараeво се јасни. Војната е погрешна, а мирот е радост, светата војна при која се убиваат невини луѓе е погрешна, а спасување на невините е во духот на господовите одредби. Иднината е да се умее да се сочува мирот, а не да водат војни“, рече Цериќ.

Mustafa Ceric

Реисот Цериќ

Но, основна порака од сараевскиот собир е дека иднината е и во заедништвото. За примерот како заедништвото може да се гради и негува говори и специјалниот претставник за дијалог меѓу цивилизациите во германското Министерство за надворешни работи Хајнрих Крефт: „Имаме 350.000 луѓе од БиХ, кои како бегалци во 90-те дојдоа во Германија. Кога ги споредуваме со луѓето од други земји, кои исто така се интегрираат во германското општество, кај луѓето од БиХ воочуваме многу разлики и предности кои со сигурно имаат врска со повеќеслојните босанско-херцеговски традиции за заеднички живот на христијаните и муслиманите“, вели Крефт.

Улогата на Европа во очите на бискупот Про Судар

Една од неизбежните теми на панел дискусиите беше и интеграција на Балканот во европското општество. Католичкиот бискуп Перо Судар верува дека и Европа сноси одговорност за бавниот тек на европските интеграции. „Повеќе од видливо претставниците на Европската унија овде се однесуваат кон државите и народите од Балканот на неприфатлив начин. Со овој видлив негативен однос тие ја отежнуваат промената на негативната перцепција која граѓаните на овдешните држави веќе ја поседуаат, а противниците на евроатланските интеграции ги користат и продлабочуваат“, рече Судар. Но директорот на Дирекцијата на Европската комисија за проширување Стефан Санино рече дека „Европа не врши притисок на никого за влез во ЕУ и дека има свои правила кои треба да се исполнат и почитуваат доколку се сака да се биде нејзин член“.

Меѓурелигиската конференција „Нашата иднина е да живееме заедно: Религиите и културите во дијалог“, синоќа вп Сараево заврши со „Апел за мир“ како и пораки за потребата за толеранција и соживот на сите религии и луѓе во целиот свет.