1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

АПЕК за одржлив раст и против протекционизам

Со апел за засилена економска интеграција и компромис за климатската конференција во Копенхаген наредниот месец, денеска во Сингапур заврши самитот на Азиско-пацифичкиот економски форум - АПЕК.

default

Групна фотографија на лидерите на земјите- членки на АПЕК

Според проценката на учесниците на самитот во Сингапур, светската економија, во меѓувреме, е на пат на заздравување од тешката економска криза.

Американскиот претседател Барак Обама, меѓутоа, предупреди дека нерамномерниот економски раст би можел да води во нова криза. Во нивната завршна декларација, лидерите на 21 земја-членка на АПЕК истакнаа дека се потребни нови стимуланси за да се спречи повторно паѓање на светската економија во рецесија и побараа брзо успешно завршување на преговарачката рунда од Доха за либерализација на светската трговија.

Каков таков договор и за климатскиот Самит во Копенхаген

Пред завршниот состанок на самитот, во Сингапур изненадувачки пристигна и данскиот премиер Ларс Расмусен и предложи компромис за климатската конференција која наредниот месец треба да се одржи во Копенхаген.

APEC Obama Medwedew

Обама и Медведев се сретнаа на маргините на самитот во Сингапур

Според предлогот на Расмусен, на преговорите за климата во Копенхаген треба да се гледа како на проект со две фази. Прво, би требало да се постигне политички договор со цели за заштита на климата, а обврзувачки Договор за заштита на климата би се донесол подоцна. Марио Фернандез, министер за надворешни работи на членката на АПЕК, Чиле, вели дека ова е подобро од ништо:

„Сметаме дека е подобро да имаме основна декларација, отколку да немаме ништо. И натаму се обидуваме да постигнеме договор, пред се‘ при финансирањето, за да обезбедиме економски стимуланси, со што повеќе земји би биле подготвени да ги намалат емисиите на штетни гасови“, истакна Фернандез.

На маргините на самитот на АПЕК, во Сингапур се сретнаа претседателите на САД и на Русија, Барак Обама и Дмитри Медведев. Тие, притоа, потврдија дека ќе потпишат договор-наследник на СТАРТ-договорот за намалување на стратешкото атомско оружје уште во текот на оваа година. Обама и Медведев, уште пред неколку месеци договорија значително намалување на бројот на нуклеарни боеви глави на двете земји во наредните седум години.

Автор: Бернд Муш Боровска/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фидановска