1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Антиисламистички тренд во САД?

Кусо пред одбележувањето на деветтата годишнина од терористичките напади врз САД од 11 септември 2001 година, се создава впечаток дека Америка ја преплавува бран антиисламистичко расположение.

default

Дали Америка стана непријателски настроена кон исламот? Ова прашање моментно ја преокупира не само американската јавност, туку и целиот свет. Веќе најавата на еден свештеник од Флорида дека со неговата мала црковна заедница планира јавно палење на стотици книги со светото писмо на муслиманите предизвика бурни реакции и анти-американски протести во неколку исламски земји. Сенката на религиозната нетолеранција така се надви над комеморативните свечености по повод деветгодишнината од терористичките напади врз САД во 2001 година.

Загрижувачки појави

Што се случи во изминативе години со САД? Дали земјата, што се сметаше за мајка на религиозната толеранција во светот, доживеа толку радикална промена? Дали Америка го напушти патот на успешна интеграција на странците? Неодамна имаше протести против изградбата на исламски центар во непосредна близина на кулите близначки на Светскиот трговски центар, кои изгореа до темел во терористичките напади од 11 септември. Во таа прилика, претставници на муслиманската, христијанската и еврејската вера опоменаа на почитување на демократските принципи за религиозна толеранција и предупредија од појава на растечки бран страв и нетолерација. И овојпат, по најавите за јавно палење на коранот, високи претставници на САД, како министерката за надворешни работи Хилари Клинтон, се јавија за збор и остро ги осудија таквите идеи.

DW ZPR Zentrale Programmredaktion Daniel Scheschkewitz

Даниел Шешкевиц

Демократските темели стабилни

Но, колку и да се неубави ваквите појави во Америка, сепак тие не треба да се драматизираат. Религиозни фанатици во САД имало отсекогаш. Уште на почетокот на 19 век тие покренаа хајка против ирските католици во Америка, но тие се денес неоспорен и интегрален дел од американското општество. Освен тоа, до ден-денес религиозните христијански фанатици се борат против правото на абортус во земјата што се смета за лулка на демократските права и слободи.

Различни тенденции

Во САД очигледно има конзервативни сили, кои исламот не го сметаат за рамноправна религиозна заедница, туку за политички заговор против западниот свет. Тие добија голем замав по терористичките напади од 11 септември 2001 година. Згора на тоа, и двете војни што Америка ги води во две земји со муслиманско население, Ирак и Авганистан, без сомневање дополнително ја влошија положбата на муслиманите во САД. Наспроти сите овие информации, оној кој ја гледа Америка на патот кон анти-исламизам, тој греши! Актуелниот американски претседател Барак Обама, во многу спомнуваниот говор во Каиро, му одаде почит на исламот и им пружи рака на сите муслимани ширум светот. Освен тоа, бројот религиозно мотивирани деликти во САД не е во пораст, туку и натаму во стагнација. Голем број исламски религиозни заедници во САД ќе го искористат поклопувањето на најголемиот верски празник на муслиманите Рамазан со денот на терористичките напади од 11 септември, за одржување комеморативни свечености во знак на почит и сеќавање на жртвите од нападите. Тоа е исто така дел од реалноста во Америка.

Конзервативни и ултраконзервативни сили

Поранешниот американски претседател Џорџ Буш, зборувајќи во една џамија во САД само неколку недели по терористичките напади од 11 септември, порача дека исламот значи мир. Конзервативниот дел од Америка се чини дека тогаш ја послуша неговата порака. Денес меѓутоа, во САД на чие чело стои Барак Обама, се јавуваат се’ погласно за збор ултрадесничарите во земјата. А антиисламистичките идеи, за жал, се дел од нивниот омилен репертоар.

Автор на коментарот: Даниел Шешкевиц

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска