1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Анте Шапина повторно на обвинителна клупа

Денеска (04.12) започна судската постапка против Анте Шапина и Мариo Ц. Обвинението ги товари за местење на фудбалски натпревари. Судскиот процес се повторува поради процедурални грешки во претходната постапка.

Анте Шапина (насловна фотографија) повторно е во фокусот на јавноста во Германија. Човекот за кого се пишува како за „најголемиот обложувачки измамник“ во Германија, кој наводно со манипулации заработил милиони евра, човек кој е „заслужен“ дека и Германците сега знаат што е „обложувачка мафија“ и оти преку ливчињата на спортските обложувалници се вртат огромни суми на пари.

Анте Шапина е клучна фигура во големиот обложувачки скандал кои во 2008. и 2009. година ја потресе цела Европа. Од денеска тој е повторно на обвинителната клупа во судот во Бохум. Тежиште на процесот овојпат не се подмитувања на судии и играчи односно обиди за местење на резултати на фудбалски натпревари.

Нова постапка поради процедурални грешки

Шапина пред судот уште порано призна дека манипулирал натпревари ширум Европа. Судот во Бохум во 2011. година пресуди дека овој 38-годишен германски Хрват мора да издржува затворска казна од петипол години.

Ante Sapina

Анте Шапина

Врховниот суд на Сојузна Република Германија подоцна таа пресуда делумно ја поништи поради процедурални грешки и целиот случај го врати на надлежниот суд во Бохум. На Шапина во новата постапка ќе му судат нови судии и тие ќе одлучат и за висината на казната. Клучното прашање кое треба да биде разјаснето во повторениот судски процес е поврзано со азиските обложувалници преку кои Шапина со своите ортаци вложувал пари за манипулирани средби. Судот мора да открие дали обложувалниците претрпеле материјална штета и во случај договорената манипулација да не успеала односно во случај натпреварите да завршиле со поинаков резултат од оној кој членовите на обложувачката мафија го договориле со поткупените играчи.

Комплициран процес

Прецизирањето на висината на евентуалната штета ќе биде многу комплициран процес. Азискиот обложувачки пазар не е на глас дека е транспарентен а и соработката на германските со надлежните правни служби на Далечниот исток не беше едноставна. Покраинскиот јавен обвинител Андреас Бахман во првиот процес против Шапина сеедно наведе дека германскиот Хрват на обложувалниците им нанесол штета во износ од точно 2.349.844,83 евра. Подобрите познавачи на обложувачкиот пазар се посомневаа дека е воопшто можно толку прецизно дефинирање на наводната штета.

Како што беше најавено, за време на повтореното судење нема да се тематизираат новите, актуелни сознанија за обложувачкиот скандал, на пример можните контакти на Шапина со сингапурскиот обложувачки манипулатор Дан Тан. Тој, имено, се сомничи дека наместил неколку стотини фудбалски натпревари во најмалку десет земји.

Ублажена казна?

Fußball-Wettskandal: Sapina-Prozess beginnt

Маријо Ц.

Предмет на судската постапка се вкупно 28 натпревари, при што воочлив е големиот број средби од белгиската втора лига. Освен тоа, за време на судењето би требало да се разјасни дали Шапина бил член на организирана криминална група или дејствувал сам. Во случај да станува збор за банда, тој ќе мора да смета на повисока казна. Во случај судот да го означи како „крунски сведок“, Шапина би можел да добие и „попуст“.

Според моментенталните планови, пресудата би требало да биде изречена на 31 јануари 2014. година. Кко што стојат работите, многу веројатно е дека Анте Шапина поради обложувачките манипулации по вторпат ќе биде осуден пред еден германски суд.

Уште во 2005. година тој еднаш веќе беше казнет со затворска казна од две години и 11 месеци поради манипулациите кои ги организирал со помош на тогашниот фудбалски судија Роберт Хојцер.

Освен Шапина денеска во судницата во Бохум е и Маријо Ц. 38-годишниот Хрват од баварскиот град Нирнберг во првиот процес истотака беше прогласен за виновен и доби идентична казна како и Шапина. Судот во Бохум и во неговиот случај повторно треба да одлучи за казната.

Обвинителот Петер Ернст во пресрет на повтореното судење изрази очекување дека висината на казната за Анте Шапина и Маријо Ц. ќе биде слична на претходно изречената. Адвокатите на Шапина пак очекуваат ублажување на пресудата изречена во 2011. година.