1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Анонимното конкурирање за работа како спас од дискриминација

Во Германија при конкурирање за работа наскоро можеби нема да бидат потребни податоци за пол, старост и потекло, како ниту слика. Но, на иницијативата на Службата за борба против дискриминација некои гледаат и скептично.

Изгледот, името, полот, староста, верата и потеклото не би требало да играат улога при конкурирањето за работа, бара Службата за борба против дискриминација во Германија. Шефовите на персоналните одделенија треба да добиваат податоци само за квалификацијата и мотивацијата на кандидатот, за при изборот на најсоодветен кандидат субјективните критериуми да играат што е можно помала улога.

Градот Целе е првата општина во Германија која со ваков анонимизиран избор го пополни работното место шеф на Комуналните претпријатија на Целе. Избран е Томас Едати, кој има индиски корени и е стар 48 години. И, Едати е брат на пратеникот на СПД Себастијан Едати, соопшти Кабинетот на градоначалникот на Целе.

Во Градската управа на Целе на овој начин се пополнети 23 места. Целе беше дел од пилот проектот на Службата за борба против дискриминација уште на почетокот, во 2010 година, и смета дека ваквиот начин на избор е добар. „Побргу можеме да направиме предселекција, затоа што се концентрираме на мал број важни критериуми“, вели Јокел Биркхолц, шеф на Персоналното одделение на Град Целе во интервју за ДВ.

Странското име како пречка за вработување

Во пилот проектот во 2010 година, покрај градот Целе, од јавните служби учествуваа и сојузното Министерство за семејство, сениори, жени и млади, како и Агенцијата за труд. Освен тоа, дел од пилот проектот беа и претпријатијата Германски пошти ДХЛ, Мај Дејс, Телеком, Лореал и Проктер и Гембл. Кандидатите доставуваа анонимизирани пријави цела година. Четири од концерните, меѓутоа, не беа убедени во ползата на проектот, и по минувањето

Symbolbild Anonymisierte Bewerbung

Не е важно кој си, важно е што знаеш и можеш

 на 12-те месеци веќе не го продолжија. „Во нашето претпријатие не утврдивме дополнителен позитивен ефект“, објаснува Денис Денерт од Германски Телеком АГ. Во текот на проектот, како што се вели, не биле поднесени повеќе пријави од мигранти, самохрани мајки или постари лица.

Пред стартот на проектот, повеќе студии покажаа дека е доволно да се има турско име за шансите да се биде поканет на разговор за работа да се намалат. И студија на ОЕЦД од 2009 година покажа дека децата со мигрантско потекло имаат послаби шанси на пазарот на труд во Германија. Новиот начин на конкурирање би требало да ги зголеми и шансите на постарите кандидати за работа, како и на младите жени, кои често поради можната желба да родат дете се ставаат во втор план при изборот. Кристине Лидерс, сојузен ополномоштеник за борба против дискриминација, и покрај критиката од претпријатијата, смета дека пилот проектот има многу позитивни ефекти, „затоа што покажува дека со него шансите се порамноправни отколку при вообичаениот начин на конкурирање“.

Bewerbungsgespräch Symbolbild

Секој да има еднакви шанси да биде поканет на разговор за работа - тоа е целта на проектот

Во Германија анонимизираниот избор на работници се‘ уште е прилично невообичаен. Наспроти тоа, пак, во англиското говороно подрачје, тоа е веќе одамна стандард. Во САД, Канада и Велика Британија не се даваат лични податоци и слика. Во Белгија пак, од 2005 година не се даваат лични податоци при конкурирање за работно место во јавните служби. Тоа е пропишано и со закон.

Критичарите велат дека и во анонимните пријави има скриени лични податоци. На пример, од бројот на јазици кои се познаваат, може да се заклучи дали лицето има мигрантско потекло. „Кандидатите често и се интервјуираат телефонски пред изборот. Притоа, може да се дознае многу за кандидатот иако не можете да го видите“, објаснува Јирген Хесе од Канцеларијата за професионални стратегии. Според него, постапката за избор никогаш не може да биде комплетно анонимна.

Во Целе и по истекот на пилот проектот се остана на анонимен начин на избор. Кристине Лидерс е убедена дека ваквата постапка има изгледи за успех, зашто повеќе покраини и градови го следат примерот на Целе и имаат намера да воведат анонимизирано конкурирање за работа.