1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Анкетите се повеќе мобилизатор отколку индикатор

Единствен начин да се провери релевантноста на анкетите и на истражувачите, е нивниот „минат труд“, советуваат политиколозите.

Со мали исклучоци, анкетите за политички рејтинзи во Македонија повеќе се користат за мобилизација на јавното мислење, отколку за негова илустрација, оценуваат граѓаните, политиколозите и истражувачите на јавно мислење.

Денес анкети за политички рејтинзи изработуваат повеќе организации од различни причини и мотиви. Веродостојноста на податоците зависи од неколку фактори: за чии потреби е изработена анкетата, кој ја финансира, дали е работена по стручна методологија и колку е релевантна организацијата што ја изработува.

„Во услови кога анкетите ги изработуваат партиски институти во функција на поддршка на партиските политики, тогаш легитимен е сомнежот дека резултатите може да се злоупотребени. Анкетите се користат и за манипулирање на јавното мислење, бидејќи тие ја имаат и таа моќ", вели Никола Спасов од „Рејтинг", една од водечките истражувачки агенции.

За разлика од анкетите за „внатрешна употреба", сосема поинаков е односот кога тие се изработуваат од професионални агенции и институции, за потребите на меѓународни организации или медиуми.

„Тогаш тие имаат сосема друга улога и објективно го претставуваат гласот на граѓаните. На база на добиените резултати се креираат политики, се евалуира работата на владата и институциите и се дознава мислењето на граѓаните на различни теми", објаснува Спасов.

Потемкинова слика

Најголеми виновници за создавањето „потемкинова слика" за политичкиот рејтинг се токму партиите, кои преку свои институти или блиски агенции ги злоупотребуваат анкетите за свои цели. Во таков меѓупартиски натпревар со анкети, најчесто страда вистината.

Vladimir Misev

Владимр Мисев: Анкетите се користат и како индикатор и како мобилизатор на гласачкото расположение

Анкетите се користат и како индикатор и како мобилизатор на гласачкото расположение, оценува Владимир Мисев од Институтот за демократија (ИДСЦС), кој исто така спроведува истражувања на јавното мислење.

Според него, голем проблем е што истражувачите на јавното мислење немаат саморегулаторно тело, кое ќе го контролира и гарантира спроведувањето на базичните стандарди при изработката на анкетите.

„Во отсуство на таква контрола, се' зависи од професионалната етика. Денес практично може да се фингира анкета без да се заврти ниту еден телефонски број. И обратно - може медиум да објави анкета од 'агенција' која воопшто не постои, како што се случи пред некоја година со непостоечка словенечка агенција за испитување на јавното мислење", потсетува Мисев.

Истражувачките агенции во Србија обврската за објавување на резултатите им ја оставаат на партиите нарачатели, а во Македонија е обратно - партиите нарачатели таа обврска им ја оставаат на агенциите, за да се добие впечаток дека станува збор за „независна анкета".

„Од тој аспект, одговорност имаат и медиумите, бидејќи при објавувањето на анкетите честопати не почитуваат два законски аспекта, за кои може да реагира и Советот за радиодифузија. Тие треба да ја објават методологијата на истражувањето, но и нарачателот на анкетата, а не само резултатите", укажува Мисев.

Нужно зло

Ваквата ситуација го наметнува прашањето - дали се потребни анкети, ако во голем број случаи е доведена во прашање и нивната објективност и релевантноста на истражувачите.

TV Schäden

Медиумите треба да ја објават методологијата на истражувањето, но и нарачателот на анкетата, а не само резултатите

Анкети мора да има, вели Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања.

„Истражувањата се единствен начин да се отслика перцепцијата на граѓаните за одредени партиски или владини политики. Има истражувања и треба да ги има, зашто ако ги нема - дури тогаш ќе се зголеми просторот за манипулација", потенцира тој. И Божиновски и неговите колеги се согласуваат дека единствен начин да се провери релевантноста на анкетите и на истражувачите, е нивниот „минат труд".

„Нека се споредат резултатите од анкетите објавени пред последните парламентарни избори и нека се провери колку се тие блиску или далеку од изборните резултати. Само така граѓаните ќе се уверат кои агенции или институти работеле професионално, а кои по партиски нарачки", советуваат политиколозите.

Поврзана содржина