1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Анкета: Иванов води добра политика по прашањето за името

Во последната анкета на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) мнозинство од испитаниците се задоволни од политиката и работата на македонскиот претседател во поглед на решавање на спорот за името.

Речиси 60 проценти од испитаниците сметаат дека македонскиот претседател води добра политика и работи во поглед на разрешувањето на спорот за уставното име, коешто се јавува како главната пречка на македонските евроинтегративни процеси.

Ова го покажуваат во сабота (06.07), на официјалната интернет страница на претседателот Ѓорге Иванов, објавените резултати од истражувањето на јавното мнение што за потребите на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија го спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС).

Поточно, на прашањето „Како ја оценувате политиката и работата на Претседателот во однос на прашањето за името?“, 59,8 отсто од испитаниците одговориле „позитивно“, 27,4 проценти не се задоволни од неговиот ангажман, додека, пак, без мислење или не дале одговор 12,8 отсто од анкетираните.

Matthew Nimetz Besprechung

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов со медијаторот во спорот за името Метју Нимиц

Малку помал е процентот на учесниците во анкетата коишто се задоволни од тоа како Иванов ја води надворешната политика во рамките на неговите ингеренции што му ги овозможува претседателската должност, односно 56,2 отсто, наспроти 30 проценти кои имаа негативно мислење и 13,8 отсто неодлучни.

Незначително повеќе од половината од испитаниците во анкетата на ИПИС или 50,4 отсто одговориле дека претседателот Иванов ги исполнил нивните очекувања во неговиот досегашен мандат од кој му останува уште околу една година, на 39,9 отсто избирачи не им се исполнети очекувањата од шефот на државата, а без одговор биле 9,7 отсто.

Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) претходно објави дека на прашањето „Какво е вашето мислење за Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов?", 59,1 отсто се изјасниле позитивно, 23,8 имале негативно мислење, додека, пак, 17,1 проценти одговориле со не знам или немале договор.

Притоа, од компаративните податоци се забележува дека кон средината на јуни оваа 2013 година, позитивното мислење за работата на Иванов кај избирачите е најголемо во периодот од 2010 година наваму. И, соодветно, негативното мислење за Претседателот е на најниско ниво.

Анкетата е спроведена во периодот меѓу 14-ти и 17-ти јуни 2013 година, од страна Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), преку телефонска анкета на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници и таа е во рамките на редовните мерења на ставовите на граѓаните во однос на нивната доверба и перцепции за работата на Претседателот на Република Македонија.