1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Анкара чекори по тенок мраз

Многу рано турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се позиционираше како противник на сирискиот претседател. Тоа што Асад остана на власт, ја слабее позицијата на Ердоган на домашната политичка сцена, коментар на Баха Гингер

Турција како сосед на Сирија е фронтална држава на Западот во регион на кој му се заканува опасна воена ескалација. Токму поради тоа Анкара би била добро советувана, да не се става себеси под притисок да презема чекори, откако пред две години во рамките на „Арапската пролет“ во Сирија се формираше бунтот против диктаторот Башар ел Асад.

Меѓутоа, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган пребрзо положи се‘ во една карта и зазема стратешки не многу паметна и избрзана позиција против неговиот поранешен пријател од Дамаск. Неговата пресметка до денес не се исплати: Асад се'уште е на власт и дури повторно ја враќа територијата која ја зазеде широко распространетата опозиција. Опасноста која и натаму постои за вовлекување на Турција во воените судири во Сирија се' повеќе ја слабее позицијата на Ердоган во сопствената земја.

Непрегледна ситуација

Deutsche Welle Türkisch Bahaeddin Güngör

Баха Гингер автор на коментарот

Бомбашките напади од 11. мај 2013 во Рејханли на турско-сириската граница со официјално 51 жртви и повеќе од 200 повредени досега е најдебелата сметка, која Турција мораше да ја плати за својата стратегија кон Сирија. Поради забраната за вести, која ја воведе владата, нема сигурни податоци за бројот на жртвите, но се претпоставува, дека реалниот број на убиени е околу трипати поголем. За сторителите и нивните политички цели и натаму се шпекулира.

Никој со сигурност не може да каже, кој по должина на речиси 900 километри долгата граница какви интереси застапува, се бори за нив, гине и убива. Турската гранична провинција Хатај, која Сирија ја бара поради историска заднина, каде впрочем и се наоѓа градот Рејханли, е дом на многумина: Арапи, Курди, сириски Алавити, Сунити, џихадисти, на Ал Каеда, сириски опозиционери, кои локалното население смета дека се одговорни за нападите во Рејханли и во меѓувреме насилно се гонети.

Погрешните проценки на Ердоган би можеле во голема мерка да ја загрозат не само макотрпно започнатата мировна стратегија со турските Курди. Не може да се исклучи ниту дека Рејханли претставува само почеток на ново терористичко сценарио против Турција. Натамошни напади во големите метрополи и во омилените туристички региони на Средоземното Море или во Егејот, покрај ризикот за внатрешниот мир, би можеле да значат и ризик за завидниот голем економски пораст од минатите години. Економскиот сјај на владата на Ердоган тогаш ќе избледи побрзо, отколку што би му било драго.

По средбата со американскиот претседател Барак Обама, Ердоган навести дека повеќе не верува дека Асад брзо ќе биде соборен. Големите сили Русија и Кина како и Иран како негови поддржувачи и натаму ќе полагаат со сите сили, да го задржат Асад што е можно подолго на власт, за од ситуацијата да се извлечат без да го загубат образот. Исто така и САД по искуствата во Авганистан и Ирак нема да се впуштат во нова авантура со уште поголема опасност да се прошири на целиот Блиски Исток, со неизвесни тешки последици за светскиот мир. Под вакви услови нема простор Турција да презема самостојни чекори, оти мразот под политката за Сирија на Анкара, и натаму е премногу тенок.