1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Андонис Самарас и „македонското прашање“

Самарас е новиот лидер на грчката опозициска партија „Нова демократија“. Што може да се очекува од него, со оглед на тоа што од 90-те години застапува цврст став по однос на спорот околу името?

default

Самарас е новиот лидер на грчката опозиција

На времето важеше за еден од најталентираните политичари од неговата генерација. Веќе на 26 годишна возраст дипломецот на Харвард, Андонис Самарас, стана најмладиот пратеник во грчкиот парламент, а со 39 години беше министер за надворешни работи во владата на конзервативниот Мицотакис. Но, потоа работите се сменија. На почетокот од деведесеттите години Самарас почна да застапува цврст став по таканареченото „македонско прашање“, ставајќи го во прашање умерениот курс на тогашниот премиер. За ова, Самарас мораше да плати со својата функција, меѓутоа неговиот реванш беше безмилосен. Тој основа мала десничарска партија, која придонесе за падот на владата на Мицотакис. Сега, големиот тактичар изведува неочекуван камбек: како лидер на опозицијата во Атина, ја изложува владата на Папандреу на жестоки критики, меѓу другото и поради надворешната политика.

Човек со минато

Namensstreit - Gespräche

Самарас ги отфрла сите можни компромиси, предложени од медијаторот Нимиц

Јоргос Шацимаракис, германски европратеник со грчко потекло, добро се сеќава на Самарас:

„Мислам дека господин Самарас има историја зад себе. ’Македонското прашање’ секогаш се поврзува со неговото име. Тоа само му отежнува во напорите да изгради веродостојна, конструктивна и објективна опозиција. Ова мора јасно да се каже, затоа што човекот си има свое миното.“

Во март минатата година, Самарас, кој тогаш беше грчки европратеник, писмено се огласи за проблемот околу името. Во сопствениот напис, објавен во атинскиот весник „Катимерини“, тој изјави дека по востанието на македонските Албанци во тетовскиот регион, соседната држава е на пат да го изгуби националниот идентитет. Со оглед на ова, вели Самарас, воопшто и не мора да се бара компромисно решение за името, туку едноставно да се сочека, бидејќи времето работи во полза на Атина...

Во Европарламентот се` уште се сеќаваат на Самарас

Во Европскиот парламент и до ден-денес останаа сеќавањата на Самарас, иако со измешани чувства. Од една страна со почит за неговата стратегиска способност, но од друга страна со мачнина во стомакот од неговите впечатливи, на моменти и националистички испади.

Јоргос Шацимаракис дипломатски се дистанцира од својот поранешен колега.

„Подобро го познавам Самарас, затоа што ми беше колега во Европскиот парламент и лично многу го ценам. Но, дали е најсоодветниот кандидат за опозициски лидер - не можам да кажам. Госпоѓа Бакојани можеби повеќе би одговарала со оглед на актуелната ситуација. Меѓутоа, не сум јас тој што треба да одлучува.“

Најбитно е што владата се менува

Griechenland neue Regierung George Papandreou in Athen

Владата на Папандреу има поинаква перспектива на проблемот

И Дора Бакојани се бореше за челното место во партијата, но сепак загуби при внатрепартиското гласање. Како министерка за надворешни работи во владата на Караманлис, ниту Бакојани не можеше да се избори за решение на „македонското прашање“, меѓутоа беше подготвена да прифати компромисно решение од типот „Северна Македонија“. Самарас жестоко го отфрла и овој компромис.

„Со Самарас ќе биде многу тешко работата да се истурка до крај“, смета Јоргос Шацимаракис. Меѓутоа, она што е поважно од смената на врвот во конзервативната партија е смената на владата во Грција. „Владата на Папандреу има целосно поинаква перспектива на работите“, објаснува германскиот европратеник со грчко потекло.

„Морам да кажам дека претходната влада не се занимаваше доволно со темата и постојано се обидуваше некако да го избегне партнерот од северот. Ова доведе до недоверба. Првото нешто што го направи Папандреу беше тоа што го покани македонскиот премиер Груевски на разговор. А тоа е клучно значење, разговорите да се водат на високо ниво“.

Автор: Јанис Пападимитриу / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска