1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Ангела Меркел се повредила на скијање

Несреќен старт на германската канцеларка во новата година: Меркел ја повреди карлицата на скијање во Швајцарија. Таа најмалку три недели ќе мора да мирува, но ќе продолжи да ги извршува своите должности од дома.

По падот при скијачко трчање за време на нејзиниот зимски одмор во Швајцарија, германската канцеларка мора неколку недели да помине во мирување pоради повреда на карличниот прстен. Kанцеларката денеска откажа повеќе термини и патувања, меѓу што и посетата на Полска. Според нејзиниот портпарол, Штефан Зајберт, при падот Меркел се здобила со „тешка контузија поврзана со напукнување на левиот заден карличен прстен“. Поради тоа, Меркел во следните три недели мора што повеќе да лежи.

59-годишната канцеларка планира најголем дел од обврските во идниот период да ги извршува од дома, а не мора да лежи во болница.

Повредата на канцеларката се случила за време на божиќните празници кои ги поминуваше во Швајцарија, во местото Енгадин, кај Сент Мориц, односно уште пред Новата година.

„Таа падна за време на скијачко трчање, а претпоставуваме дека не се движела со голема брзина“, изјави портпаролот Зајберт, кој не прецизираше датум на кој се случила несреќата. Меркел уште пред Нова година се врати во Берлин, а на 30 декември го сними своето новогодишно обраќање.

Според портпаролот, Меркел прво сметала дека се работи само за болна контузија. Дури по медицинските испитувања во петокот минатата недела се испоставило дека е во прашање напукната коска.

Поради тоа Меркел ги откажа сите свои состаноци, вклучувајќи ја и претходно најавената посета на Полска, како и средбата со премиерот на Луксембург, Ксавие Бетел. Меркел со нив двајцата денеска телефонирала за да им ја објасни причината поради која ја откажува посетата, односно разговорите. Но, Меркел веќе в среда ќе ја води редовната седница на владата. На неа, меѓу другото, ќе биде формирана работна група која треба да разјасни дали навистина постои злоупотреба на социјалните фондови на Германија од страна на мигрантите од Бугарија и од Романија, како што тврди Христијанско-социјалната унија.