1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ангела Меркел-политички феномен

Иако предводи една од клучните земји во Европа, Ангела Меркел ретко се определува брзо и недвосмислено. Дури и во време на криза како сегашнава, таа реагира колебливо. Сепак, народот има голема доверба во канцеларката.

Ангела Меркел врачува медиумска награда на една хуманитарна организација. Овде е како на свој терен - опкружена со благонаклонети луѓе, никој не прашува за Грција или за нејзиниот стил на раководење. Не е ни потребно, оти таа самата се навраќа на тоа.

„Животот на кредит и трупање долгови во крајна линија е и прашање на праведност - Грција ми е пред очи, токму доаѓам од фракцијата во Бундестагот, каде зборувавме за тоа - многу често, кога се неопходни промени во една земја, погодени се најслабите во општеството, а не оние со многу пари, кои се веќе обезбедени“, порача Меркел во говорот на манифестацијата.

На публиката не и’ нуди силни пароли - данок за богати или стоп за бегство на капиталот од Грција. Меркел не провоцира, не заведува - тоа „пали“ кај луѓето.

„Нејзината елегантна воздржаност, за која и самата е свесна, ја сметам за извонредна, како и дека воопшто не демонстрира моќ, не е негативистичка или кул, туку има една рамнотежа, нешто што човек мора да го има, што може да си го посака - стои сигурно во средината“, вели Габриеле Штецер добитничка на наградата.

Успешен систем

В ред,стои во средината, но - стои. За многумина кај Меркел се’ оди пребавно. Таа најрадо самата во себе ги насетува нештата, одмерува и решава - само кога поинаку не оди.

„Таа е уште поповлечена во себе, уште поретки станаа моментите во кои покажува чувство, или дава лични изјави, па затоа се тие дотолку повоочливи“, вели биографката на Меркел, Жаклин Бојзен.

Во фракцијата на нејзината партија- Христијанско - демократската унија (ЦДУ)- во Бундестагот тоа падна в очи на расправата за германска уплата од 730 милиони евра за Грција, кога Ангела Меркел мораше уште еднаш да ги држи на линија своите партиски пријатели. Вероника Белман, пратеник на ЦДУ во Бундестагот истакнува: „Канцеларката за прв пат ни даде увид во билатералните разговори, на пример со Грција за можното напуштање на еврозоната. Тоа го стори на нејзин, по малку опуштен начин - демек, мислите ли дека ќе успеете, или сакате ли сепак порадо да го направите тоа по некој друг пат?“

По некој друг пат, на пример без еврото? Меркел и грчкиот премиер Андонис Самарас знаат дека за земјата во секој случај е подобро под чадорот за спас. Значи, наместо решителен потег, и натаму провлекување а ла Меркел.

На пример, долго време беше табу директна финансиска помош за Грција, сега Меркел мора да ја даде. Во нејзиниот систем спаѓа и малку по малку напуштање на позициите. Но, тоа одвај да паѓа в очи - кога позициите се нејасни. Жаклин Бојзен, биографката на Меркел вели: „Нејзе постојано и’ се префрлува дека премалку објаснува. Тоа од една страна го сметам за правилно, но од друга тој факт значи дека таа не се определува, а и дека потоа не мора да се брани од било какви прекори. Можеби од прекорот ’објаснуваш премалку‘, но не и од прекорот ’вчера зборуваше вака, завчера сосем поинаку од она што ќе го направиш утре.“

Цик-цак курс

И, така на Ангела Меркел и’ успева да ја изненади дури и нејзината публика, кога некогаш, нетипично за неа, ќе изусти јасни зборови.

„Оваа сојузна влада е најуспешна влада од повторното обединување на Германија“, порача таа неодамна во Бундестагот.

Дури и министерот за надворешни работи и претседателот на Бундестагот мораат да се смешкаат. Владата севкупно ја сметаат за расеана и лабилна, а канцеларката е поомилена од кога било . Две третини од Германците ја ценат нејзината работа.

„Мислам дека цик-цак курсот населението не го согледува на начинот на кој ние го согледуваме. И покрај тоа, неа се’ уште ја сметаат за гарант за солидност и солидарност - сето под плаштот дека другите не умеат подобро и за неа нема замена“, вели пратеничката на ЦДУ, Вероника Белман.

Фактички и социјалдемократскиот кандидат за канцелар би го водел приближно истиот курс во европската политика, секако со многу повеќе зборови. Значи, што му преостанува на Пер Штајнбрик, освен да се потсмева на сметка на стилот на канцеларката. Тој на Меркел во Бундестагот и порача:

„Вие, госпоѓо канцеларке, мора некаде да сте ги научиле способностите за пасивност и сочекување, наклонетоста кон неекспонирање, останување во заклон, за потоа да се качите во возот во кој има најголем број патници.“

Останување во заклон, неекспонирање - претставниците на хуманитарните здруженија, како и многумина Германци токму тоа го ценат кај неа: политиката на Ангела Меркел без бучност, без ефект и без возбудување.